Ковачевски од Гранада: Проширувањето е високо на агендата на ЕУ, Унијата се подготвува за прием на нови членки

– Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на третиот Самит на Европската политичка заедница во Гранада, Шпанија, даде изјава за медиумите, во која се осврна на важноста на овој трет Самит во однос на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и регионот и ги посочи ставовите што денес ќе ги пренесе во рамките на тркалезната маса на Самитот, каде што ќе говори за дигиталната транзиција и вештачката интелигенција.

Владата на Северна Македонија објави соопштение во врска со изјавата на премиерот Ковачевски.

„Јас денес ја претставувам Северна Македонија на овој исклучително важен состанок на европската политичка заедница. Тука, практично, се претставници на сите земји од Европа, без Русија и Белорусија. Една од главните теми што е од најголемо значење за нас е и проширувањето на ЕУ, Вие знаете дека по долго време на агендата на ЕУ е проширувањето. Ќе разговараме, нормално, и на теми што се однесуваат на дигитализацијата и на воведувањето на вештачката интелигенција, со цел да се подобрат услугите за граѓаните и тоа ќе биде една од работните средби на кои јас ќе учествувам заедно со премиерите на Франција, Италија, Обединетото Кралство, на низа други, на претставникот на Европскиот парламент, на Европската комисија“, нагласи Ковачевски.

Тој исто така рече дека е значајно што утре ќе биде одржан и неформален состанок на Европскиот совет на кој ќе се разговара токму на прашања што се значајни, пред сѐ, за мирот и безбедноста во Европа, поддршката на Украина, но и проширувањето на Европската Унија.

„Како што најави и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред повеќе од еден месец, веќе во рамките на ЕУ се води дебата во однос на подготовката на ЕУ за прием на нови членки од една страна и од друга страна се процесите за пристапување што самите земји членки ги имаат со Европската Унија“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека мисли оти се наоѓаат во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги отпочнале преговорите со ЕУ.

„Од друга страна ЕУ има стратегиски интерес и веќе е отворен процес за свое приспособување што е паралелен процес во однос на тоа дека ќе треба да функционира во иднина со земји што имаат поголем број од сегашниот. Што значи дека ќе постои динамика и на страната на земјите кандидати за членство, пред сѐ, мислам на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, меѓутоа и динамика внатре во ЕУ во однос на приспособување на функционирањето на повеќе земји членки“, додаде тој.

Според него, веќе на сите им е јасно дека Германија и Франција имаат изработено работен документ што се однесува на тие стратегиски промени што треба да се направат.

„Јас не можам да го коментирам тоа во моментов бидејќи се работи за работен документ што не е финален и затоа ќе оставам тие да го комуницираат, иако го имам видено и сметам дека тоа што стои во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и за земјите во регионот. Се надевам на успешни состаноци, ќе имам и билатерална средба со премиерот на Холандија, премиерот на Ирска и потпретседателот на Европската комисија“, нагласи Ковачевски.