Хибридните закани се поврзани со војната којашто се води во Украина, бидејќи пред тоа не постоеја, нагласи премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
„Хибридната војна којашто се води и којашто вклучува сајбер напади, којашто вклучува хакерски напади, којашто вклучува дезинформации практично е нов начин на војување којшто досега не е виден. Тоа има неколку цели прво да направи блокада на клучни витални системи во држави кои се членки на НАТО, на ЕУ коишто се западно определени. Второ да внесе немир кај граѓаните, бидејќи се напаѓаат системи коишто опслужувааат голем број на граѓани и трето да направат еден систем на дезинформации во државите коишто на крајот од денот оди во насока и корист само на оние кои што не сакаат да го видат нашиот регион конкретно да биде дел од ЕУ или да биде дел од НАТО“, вели Ковачевски.
Прашан за хакерскиот напад на Фондот за здравство, премиерот кажа дека на случајот работат експерти од државата заедно со експерти на земји членки на НАТО кои се врвни експерти.
„Личните податоци на граѓаните што се однесува на нивните медицински досиеја итн тие се заштитени внатре во системите на фондот меѓутоа другите активни системи на софтверите кои се користат се под сајбер напад. Јас го разбирам револтот на здравствените работници. Прво имаше информации дека немало пари во буџетот, пари во буџетот има и во фондот за здравство и во централниот буџет, меѓутоа со оглед на начинот на кој се исплаќаат платите и со оглед на сајбер нападот којшто се случува тоа не беше возможно да се направи во изминатите денови. Ние работевме заедно со Министерството за финансии и со вработените во трезорот да може да се направи од централниот трезор којашто е комплицирана работа меѓутоа на која што ќе се работи. Но јас сакам да истакнам нешто друго, а тоа е дека кога беше корона кризата нашите херои беа докторите и сите ние имавме апсолутно разбирање за нив и сите пофални зборови им ги дававме на начинот со кој што со натчовечки напор со 24 часовна работа се справуваа со кризата и им помагаа на граѓаните. Денес при овие сајбер напади и при оваа хибридна војна повторно има луѓе кои 24 часа работат. Тоа се ИТ инженери кои што работат во институциите, ние исто така имаме формирано и специјален тим во МВР во коешто учествуваат ИТ инженери од Агенција за разузнавање, од Агенција за национална безбедност. Тие луѓе имаат имиња и презимиња но ние не ги знаеме бидејќи никогаш немале можност да бидат дел од јавна дискусија од медиуми итн меѓутоа и тие работат 24 часа на ден. И тие имаат свои семејства кои не ги виделе, и јас ќе се потрудам лично на еден од наредните јубилеи кои нашата држава ги слави барем еден од нив да биде награден со државна награда во име на сите нив. Кои 24 часа работат за да ги заштитат и одблокираат системите кои се под сајбер напади“, кажа Ковачевски.
Тој вели дека тие соработуваат со експерти од Австралија, меѓутоа и со експерти од САД.
„Се работи за временски разлика од 8, 9, 10 часа. И навистина можам да истакнам само благодарност во однос на тоа што тие го прават. Од друга страна кажав дека го разбирам револтот на граѓаните и вработените во ФЗО со оглед на настаната ситуација која што ќе биде решена. Тие ги сменија своите процедури, работат продолжени работни часови, работат на завршување на дел од работите кои биле дигитални и мануелно се со цел да бидат пружени сите услуги на граѓаните. Апсолутно ќе се реши овој проблем како и секој друг што е решлив, кога напорно се работи и кога се имаат експерти кои тоа можат да го направат. Јас ја користам уште еднаш можноста да апелирам на смиреност кај граѓаните, бидејќи ова се прави за да има немир кај граѓаните и исто така искажувам благодарност за оние кои 24 часа работат на заштитата и на отстранувањето на овие напади коишто ги има во виталните системи. Вие знаете што се случуваше во Албанија, во Црна Гора исто така и тие се справуваа заедно со помош на стратешките партнери. А тука пред се мислам на Германија, САД итн.“, истакна премиерот.