Ковачевски-Шмид: Македонија даде важен придонес за ОБСЕ и за европската безбедност

Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски денеска во Виена, Австрија, се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмид, соопшти владиниот печат.

На средбата, потенцираат оттаму, беше поздравено успешното претседавање на Македонија со ОБСЕ во 2023 година, со што државата уште еднаш ја покажа својата посветеност на мултилатерализмот.

„На средбата двајцата соговорници констатираа дека претседавањето со ОБСЕ од страна на Македонија е сложена задача, која земјата успешно ја заврши во услови на најголема безбедносна и геополитичка криза на европскиот континент по Втората светска војна.

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека како членка на тројката, Македонија е подготвена да ја даде сета поддршка на актуелниот претседавач – Малта и да продолжи да придонесува во процесите за севкупната европска безбедност и стабилност.

Соговорниците разговараа за претстојните изборни процеси во Република Македонија и ја истакнаа важноста на ОБСЕ во оваа насока.