Косовските власти ги отстрануваат билбордите со српски и руски симболи во општините во северниот дел

– Владата на Косово ангажираше работници за отстранување на билбордите со симболи и слики на српски и руски личности во општините на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свецла, на социјалните мрежи објави видео од оваа акција во која учествуваше и министерот за локална самоуправа, Елберт Красниќи.

Свецла рече дека во текот на денот на северот на Звечани биле отстранети „незаконските билборди со симболи и ликови на диктатори и агресори кои се неприфатливи во Република Косово“.

„Моментно се наоѓаме на северот на Звечани, каде што работниците ангажирани од Владата на Косово го отстрануваат билбордот со фотографии од Владимир Путин и Александар Вучиќ. Во Република Косово нема место за фигури на диктатори, освојувачи и агресори. Ние сме демократска земја, јасно дефинирана според западните вредности, така што од денес нема да се дозволуваат симболи на диктатори или земји што се агресивни во однос на Косово и неговото постоење во ниту еден агол“, нагласи Свецла.

Тој додаде дека единствениот симбол на Србија во Косово ќе биде во нејзината амбасада во Приштина.

Министерот Красниќи рече дека законот и редот ќе се применуваат во секој дел на Косово, вклучително и во северните општини со српско мнозинство.

„Ова е само акција што ќе продолжи со отстранување на други симболи и знаци што не се во согласност со важечката легислатива на Косово“, нагласи Красниќи.