Нови детали околу разбивањето на кланот од Грчец: Водачот избегнал, ги влече конците од Дубаи – познат по морничавите ликвидации, на социјалните мрежи се шират шпекулации (Видео/Фото)

Шакир Бајрами, Фадил Бајрамовски, Неџати Исени, Фати Сулејмановски и Севдал Азири, членовите на кланот од Грчец, кои беа уапсени пред дена дена, веќе се приведени во затворот во Шутка во Скопје, откако судот им одреди 30-дневен притвор.

Тие беа обвинети за учество во шверц на стотина килограми кокаин, убиства и перење пари.

На шестиот приведен Оливер Петров, кој е осомничен дека во истрагата ја убедувал жртвата да го смени исказот, му е одредена поблага мерка, односно му е одземен пасошот.

Водачот на групата, Шеваљ Муареми не е уапсен. Тој со месеци е надвор од државата, од каде раководи со некогаш најголемата скопска криминална група.

Во моментов, според информациите од истрагата, тој се наоѓа во Дубаи, а полицијата потврдила и дека таму бил и Раде Трајковски-Штекли, Скопјанец кого наводно групата или групите блиски на Муареми двапати се обидела да го ликвидираат во трговскиот центар „Ист Гејт“.

Пред еден месец Штекли објави видео како по вежбањето во новиот шопинг мол во центарот на Скопје,а потоа со својот автомобил се упати кон Битпазар и Дуќанџик. Во снименето видео тој се поздравува со еден од лидерите на кланот Барон кој се наоѓа во затвор, а кој му порачува да се чува дека се уште има некои мангупи. Раде го завршува видеото со порака и поздрав од Ќерамидница до Чаир и Дуќанџик каде биле најдобрите луѓе во Скопје. Инаку, на чело на кланот Дуќанџик беше Орхан Бајрами Оки кој минатото лето беше убиен во познатото грчко летувалиште Ханиоти.

Штекли, според полициски извори, бил во Емиратите за да „испегла“ конфликт со ривалите. Штекли бил под заштита на кланот Беланоца, или арачиновската група, и поради тоа групата на Шеваљ Муареми двапати го нападнала, а по апсењето на шестмина членови на кланот Грчец, затворените членови на нивните ривали од кланот Беланоца први почнаа со славење.

Фатлум Ајети, познат како Тоте, синот на Џељо Ајети кој беше убиен пред десет години, ја прослави акцијата на полицијата против неговите непријатели од подземјето.

Сè започна со апсењето на Реџеп Сехратлиќ во Шпанија. Големиот Репки, долго време живеел во Шпанија, а бил пронајден во заедничка истрага на Европол и МВР откако кај македонски кланови биле пронајдени над 700 килограми кокаин од Јужна Америка.

Сехратлиќ бил дел од криминалната група на Муареми. Групата Грчец имала соработници во државните органи, полицијата, судот, обвинителството, министерствата, изјави екс министерот на полицијата, Оливер Спасовски.

Освен за кокаин, групата е осомничена и за перење пари со купување недвижен имот низ Скопје и Македонија, како и луксузни автомобили. Тие се осомничени за три убиства и еден обид за убиство.

Како што соопшти МВР, групата на Муареми е одговорна за двојното убиство во Топанско Поле кога 28-годишниот Африм Бериша и 24-годишниот Бурим Вардари беа пронајдени убиени во автомобил „Цитроен“.

Убиството е извршено на 5 март 2021 година и е едно од нерасчистените злосторства во кланската војна за скопскиот нарко – пазар.

Групата на Шеваљ Муареми е осомничена и за убиство на албански државјанин, чии делови од телото биле изедени од диви животни, кој беше пронајден над селото Горна Матка во мај 2020 година.

Убиениот бил фрлен во дупка на ова ретко населено место, но телото го ископале диви животни. Убиениот бил идентификуван по специфична тетоважа. Групата од Грчец е осомничена и за обидот за убиство на Борис Мутков – Фантом, извршен пред пет години во населбата Бардовци.

Инаку на социјалната мрежа ТикТок веќе се вртат видеа преку кои се настојува да се дискретитира целата акција, со коментари дека неколку дена пред акцијата се знаело дека ќе има апсења на големите имиња во подземјето.

Иако медиумите повикувајќи се на извори на истрагата пишуваат дека Шеваљ Муареми подолго врее се наоѓа во арапските држави, пред новата година тој со неговиот блиндиран џип во една позната кафана во Мрзенци.