КОЈ ДРУГ АКО НЕ БЕНЗЕМА! Ливерпул не можеше да направи чудо, ‘Кралскиот клуб’ уште еднаш ја покажа својата големина

Фудбалерите на Реал Мадрид се пласираа во четврт-финалето на Лигата на шампионите, и вечерва на својот стадион го совладаа Ливерпул со минимални 1:0.

Воедно и фудбалерите на Наполи обезбедија пласман во следната рунда од најелитното фудбалско натпреварување во Европа, откако го совладаа Ајнтрахт Франкфурт со убедливи 3:0.

Во Мадрид видовме навистина одличен натпревар, се играше отворено во поголемиот дел од натпреварот, се создаваа шанси на двете страни, но мрежите долго не беа затресени.

Гостинските фудбалери се обидоа што побрзо да постигнат гол, а можеби и подоцна да направат чудо, но не успеаја.

До 78. минута требаше за да се постигне првиот гол, кога Винисиус некако успеа да го извлече од тешка ситуација Бензема, кој лесно го постигнува 89. гол во најсилното фудбалско натпреварување во Европа и го носи својот тим во четвртфиналето на Лигата на шампионите.