Кралот и кралицата на Шведска во посета на Естонија

 – Шведскиот крал Карл Густаф Шеснаесетти и кралицата Силвија денеска ја започнаа тридневната државна посета на Естонија, прва на поранешната советска република по повеќе од 30 години.

Кралската посета има за цел зајакнување на соработката меѓу двете земји во безбедносниот и одбранбениот сектор, економијата и во областа на образованието, истражувањето и иновациите, соопшти кабинетот на естонскиот претседател.

Естонскиот претседател Алар Карис и неговата сопруга ги пречекаа шведскиот крал и кралица на централниот Плоштад на слободата во Талин со воени почести, а толпата граѓани од сите возрасти вееја естонски и шведски знамиња.

Кабинетот на претседателот на Естонија соопшти дека посетата на кралот сведочи за блиското пријателство меѓу Естонија и Шведска, особено затоа што оваа година се одбележуваат 50 години од стапувањето на тронот на кралот Карл Густаф 16.

Балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија, поранешни советски републики кои се членки на Европската унија и НАТО, се соседи на Шведска преку Балтичкото Море и имаат блиски деловни и политички врски со неа.

Естонија има историски врски со Шведска, бидејќи малата земја со 1,3 милиони жители била провинција на Шведската империја во 17-тиот и почетокот на 18-тиот век.

Последен пат шведскиот крал и кралица беа во државна посета на Естонија во 1992 година, една година откако балтичката земја ја врати својата независност по речиси 50 години советско владеење.

Кралот Карл Густаф Шеснаесетти дојде на тронот на 15 септември 1973 година и е монарх кој најдолго владеел во Шведска. Во јуни во Шведска со различни свечености ќе биде одбележана 50-годишнината од неговото владеење.