Кремљ: САД вршат притисок врз другите земји да го запленат замрзнатиот руски имот

– Сегашната администрација на американскиот претседател Џо Бајден активно врши притисок врз другите земји, повикувајќи ги да го запленат рускиот имот, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Коментирајќи ги медиумските извештаи во кои се тврди дека администрацијата на Џо Бајден ги поддржала измените на законите направени за да биде легална заплената на руските замрзнати пари, Песков рече дека тоа е еден од начините да се поттикнат релевантни промени во Европа.

„Тие (администрацијата на Бајден, заб.ав.) главно се обидуваат да извршат притисок врз Европејците. Ова е многу парадоксална ситуација бидејќи главниот дел од нашите средства е во Европа, а не во Америка. И, како и секогаш, Американците сакаат да ги охрабрат Европејците да преземат незаконски дејства“, изјави Песков за руската државна новинска агенција РИА.

Песков предупреди дека европските земји ќе се соочат со загуби, казни и правни последици доколку паднат на триковите на Белата куќа.

По почетокот на руската „специјална воена операција“ во Украина во февруари 2022 година, Европската Унија (ЕУ) и земјите од Г-7 замрзнаа речиси половина од девизните резерви на Русија во вредност од над 300 милијарди евра.

Околу 200 милијарди евра се наоѓаат во ЕУ, главно, на сметките на „Еуроклир Белгиум“, еден од најголемите светски системи за порамнување и клиринг. На крајот на октомври меѓународната компанија објави дека во првите девет месеци од 2023 година заработила околу 3 милијарди евра од камати за инвестирање на руски фондови.