Кривичен бара Судски совет да ја делегира судијката Александра Ристеска се до објавување на пресудата за Ласкарци
– Судијката Александра Ристеска, која беше избрана за апелационен судија, да биде времено делегирана во Кривичниот суд се до објавување на првостепената пресуда за предметот Ласкарци, бара Основниот кривичен суд Скопје.
Од Основниот кривичен суд Скопје, информираат дека судењето за автобуската несреќа кај село Ласкарци е во фаза на завршни зборови за што веќе се насрочени четири продолженија во текот на тековниот и следниот месец и посочуваат дека веќе се обратиле со барање до Судскиот совет.
– Барањето е со цел економичност и целисходност на постапката како и спречување на непотребни одолговлекувања, имајќи предвид дека со промена на Судечкиот совет предметот може да почне од почеток со изведување на сите вербални и писмени докази како и сите вешти наоди, се вели во соопштението од Кривичен суд Скопје.
Судскиот совет вчера избра осум нови судии во Апелациониот суд Скопје, меѓу кои тројца од Основниот кривичен суд Скопје.
– Воедно судот бара од Судскиот совет во најкус рок да делегира најмалку тројца судии и тоа во одделот за Кривично полнолетни, одделението за Организиран криминал и корупција и одделението за Претходна постапка каде до овој момент постапуваа тројцата судии, посочуваат од Кривичен суд.
Основниот кривичен суд, се вели во соопштението, останува со 42 судии, што може да ја доведе во прашање ажурноста на судот и надминување на приловот на нови предмети, имајќи предвид дека на годишно ниво судиите постапуваат по 215.000 предмети.
– Судот со заминувањето на тројцата судии, заради нивниот избор во Второстепен суд, и претходното престанување на судиската функција на 5 судии во текот на 2023 – та година како и делегирање во друг суд на 6 од 10 – те ново избрани судии во текот на изминатата година, посочуваат од Основен кривичен суд Скопје.