КРИСТИЈАНО РОНАЛДО НЕ Е НИТУ НОМИНИРАН – За прв пат по 20 години Португалецот не се најде на листата од 30 кандидати за најдобар фудбалер во светот

Лионел Меси од Интер Мајами и Ерлинг Халанд од Манчестер Сити се меѓу кандидатите за освојување на Златната топка која се доделува на најдобриот фудбалер на светот, додека меѓу 30-те избрани фудбалери не беше номиниран играчот на Ал Наср, Кристијано Роналдо.

Познатиот магазин France Football претходниот ден ја објави листата на кандидати за најдобар фудбалер во сезоната 2022/2023, најдобар млад фудбалер, најдобра фудбалерка и најдобар голман.

Најсериозни кандидати за освојување на Златната топка се Лионел Меси и Ерлинг Халанд

Лионел Меси минатиот декември го освои Светското првенство со Аргентина и беше прогласен за најдобар фудбалер на турнирот. Играјќи за Пари Сен Жермен ја освои шампионската титула во Франција, а сега во Интер Мајами постигнува голови и го освои Лига Купот.

Лео Меси
Лионел Меси

Ерлинг Халанд минатата сезона се пресели во Манчестер Сити, со кого ја освои тројната круна – Премиер лига, Лигата на шампионите и ФА Купот. Норвежанецот постигна 52 гола на 53 натпревари, но не настапи на Светското првенство во Катар. Тој ја доби наградата на Европската фудбалска унија (УЕФА) за најдобар фудбалер во Европа минатата сезона.

Лионел Меси досега има освоено рекордни седум Златни топки, додека петкратниот освојувач на таа престижна награда, Кристијано Роналдо, кој игра за Ал Наср, не беше ниту номиниран. Ова му се случи за прв пат по 20 години.

Меѓу кандидатите се минатогодишниот добитник на Златната топка, Карим Бензема, кој сега игра за Ал Итихад, во кој се пресели од Реал Мадрид, Родри (Манчестер Сити), Лаутаро Мартинез (Интер), Антоан Гризман (Атлетико Мадрид), Роберт Левандовски (Барселона), Хулијан Алварез (Манчестер Сити), голманот Јасин Буну (Севиља и Ал Хилал) и Винисиус (Реал Мадрид).

Во конкуренција се и Илкај Гундоган (Манчестер Сити и Барселона), Мартин Одегард (Арсенал), Николо Барела (Интер), Рубен Диас (Манчестер Сити), голманот Емилијано Мартинез (Астон Вила), Хвича Кварачели (Наполи), Бернардо Силва (Манчестер Сити), Рандал Коло Муани (Ајнтрахт Франкфурт и ПСЖ) и Џуд Белингем (Борусија Дортмунд и Реал Мадрид).

Меѓу кандидатите се и Кевин Де Брујн (Манчестер Сити), Букајо Сака (Арсенал), Мохамед Салах (Ливерпул), Џамал ​​Мусиала (Баерн Минхен), голманот Андре Онана (Интер и Манчестер Јунајтед), Јошко Гвардиол (Лајпциг и Манчестер Сити), Килијан Мбапе (ПСЖ), Ким Мин-Јае (Наполи и Баерн Минхен), Виктор Осимхен (Наполи), Лука Модриќ (Реал Мадрид), Хари Кејн (Тотенхем и Баерн Минхен).

Наградите ќе бидат доделени на 30. октомври на церемонија во Париз, Франција.