Кузеска: ВМРО-ДПМНЕ да номинира претставници и работните групи да започнат со средби

 Добро е што се воспостави дијалог и што Христијан Мицкоски јавно соопшти дека не е против уставни измени и прифати учество во заедничка Влада. Сега дијалогот треба да продолжи. СДСМ веќе предложи работна група од највисоки партиски претставници. Сега, на ред е ДПМНЕ да номинира свои претставници и работните групи да започнат со работни средби што е можно поскоро, истакна денеска на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

– Членството во Европската Унија е стратешка цел, врвен национален интерес и секоја партија треба да го даде својот придонес за доброто на земјата и на народот. СДСМ, како одговорна, државотворна партија го предводи евроинтеграцискиот процес. Но, подадовме рака и кон Мицкоски и ДПМНЕ за приклучување кон овој процес, значаен за иднината на земјата, нагласи Кузеска, повикувајќи ги членовите на партијата да ја прифатат подадената рака.

Таа рече дека условите за одложена примена на уставните измени до втората меѓувладина конференција се прифатени.

– ДУИ има јасна позиција потврдена на органите на оваа партија и подготвена е да отстапи во интерес на европската иднина. Македонскиот јазик и идентитет се заштитени, но и дополнителна гаранција очекуваме да се случи многу скоро, подвлече Кузеска.

Затоа, напомена, сметаат дека има добра основа и дијалогот треба да продолжи за начинот на спроведување на уставните измени.

– Ние, како и целокупната јавност, очекуваме Мицкоски да остане на ставот и преземените обврски и да остане во процесот. Нема никаква потреба да се дообјаснуваат јавно дадените изјави на Мицкоски. Тој кажа многу работи пред средбата, а сосема различни работи на средбата и по завршување на средбата. Минатата среда сите го слушнавме Мицкоски како вели дека се согласува со предлогот на премиерот Ковачевски за уставни измени и учество во заедничка Влада, под одредени услови, додаде Кузеска.

Таа изјави дека променетиот став е добро за државата и тоа треба да се поздрави, да не дозволиме, рече, да се пропушти оваа шанса.

– Доколку избега од процесот или повторно го промени ставот, тоа ќе биде уште едно од низата разочарувања. Сега не е време за политички калкулации и мерење на партиските и личните рејтинзи, сега е време на одговорност, пред сопствените граѓани, пред иднината на сопствената држава, децидна е Кузеска.