Кулеба е оптимист за европската иднина на Украина

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба, кој денеска е во посета на Одеса заедно со неговата германска колешка Аналена Бербок, изрази оптимизам за иднината на неговата земја во Европската унија.

– Пред две години не можев да замислам дека во 2024 година ќе има толку многу причини да се гордеам што сум Европеец, рече Кулеба за време на денешното преминување на границата меѓу Молдавија и Украина заедно со Бербок.

Патувањето на министрите е на денот кога Украина одбележува две години од почетокот на инвазија на Русија, пренесува ДПА.

Бербок рече дека денешниот ден може да се опише и како „ден на радоста“, бидејќи европското знаме може да се види на граничниот премин. „Во текот на изминатите две години заедно го поминавме овој европски пат“, додаде таа.

ЕУ минатиот декември одлучи да почне пристапни преговори со владата во Киев. Сепак, се очекува да поминат уште многу години пред Украина да се приклучи на Унијата.

Кулеба рече дека Украина и Европа одат по заеднички пат во последните две години од почетокот на војната. Украина се снабдуваше со оружје и беше на пат да се приклучи на Европската унија, рече тој. Европа се наметна како силен играч кој носи „амбициозни историски одлуки“.

– Историјата се пишува токму сега, рече Кулеба.

Од границата, двајцата министри отпатуваа за Одеса на Црното Море, која ноќеска беше нападната со руски борбени дронови втора ноќ по ред во пресрет на двегодишнината.