Кумановските туристички агенции се жалат на откажување на аранжмани, бидејќи дел од патниците немаат пасоши

Туристичките агенции од Куманово се жалат дека граѓани откажуваат патувања поради немање на патни исправи. Претставници од агенциите во денешната изјава за медиумите велат дека дел од граѓаните ги откажуваат резервациите, бидејќи не им се изработени патните исправи. Некои од патниците за осмомартовските аранжамани ги откажувале резервациите во земјите членки на ЕУ и презакажуваат во земјите од соседството.

– Целата состојба е прилично невообичаена. Се чини како да се враќаме како во времето на пандемијата. Некои од нашите патници кои се фотографирале уште во декември, јануари сè уште се без пасоши. Имаме сериозен број на откажувања за хотели кои ги имаме уплатено. Се наоѓаме во незавидна состојба, имаме сериозни финансиски загуби, рече Драган Трајковски, сопственик на туристичка агенција од Куманово.

И неговите колеги од другите градови се во слична состојба.

– Излезот го гледаме во институциите на системот кои треба да го решат овој проблем, додава Трајковски.

За кумановските агенции загрижувачки е што дел од туристите за летната сезона каде резервациите се прават уште од ноември, веќе ги откажуваат поради страв и неизвесност дали навреме ќе извадат пасоши.

– Благодарни сме на земјите од соседството каде сè уште може да се патува со „стари“ документи, вели Трајковски.

Агенциите од Куманово се надеваат дека состојбата ќе се стабилизира пред почетокот на летната сезона за да се амортизира негативното влијание од сегашните откажувања на патувањата за празниците како и за раната летна сезона.