Курти и Абазовиќ потпишаа договор за слободно небо над Косово и Црна Гора

Вршителот на должноста премиер на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, кој заедно со тројца министри и градоначалници на повеќе општини е во прва посета на Косово, се сретна со косовскиот премиер Албин Курти и го потпиша Договорот за воздушен сообраќај меѓу Косово и Црна Гора.

По средбата, двајцата премиери во изјава за медиумите ја истакнаа добрата соработка меѓу двете земји како пример за регионот.

Во својата изјава Курти рече дека Црна Гора ја признала независноста на Косово од нејзиното прогласување во 2008 година и дека двете земји денес тесно соработуваат како две соседни држави за промовирање на мирот, безбедноста и просперитетот во регионот.

Зборувајќи за договорот потпишан со неговиот црногорски колега, тој рече дека тоа е важен и неопходен чекор за регулирање на воздушниот простор меѓу двете републики.

„Договорот што го потпишавме денес нуди нови можности за развој на цивилното воздухопловство, овозможува скратување на воздушните линии и времето на летање за 15 минути. Авиокомпанијата која леташе четири пати на ден, со овие договори лесно може да додаде уште еден лет. Притоа се намалуваат емисиите на стакленички гасови и се намалуваат трошоците за летови, што влијае на цената на билетите за патниците“, потенцира Курти.

Тој рече дека во 2022 година извозот на Косово во Црна Гора е зголемен за 55 отсто во однос на 2021 година, додека на граничните премини со Црна Гора се регистрирани повеќе од половина милиони влезови и излези на граѓаните, не сметајќи ги влезовите преку Албанија.

Абазовиќ, кој им се обрати на медиумите и на црногорски и на албански јазик, изјави дека фокусот на сите идни односи меѓу двете земји е економската соработка и полесниот транспорт на населението.

„Денеска имавме можност да разговараме со премиерот и неговите соработници за неколку важни инфраструктурни проекти, би рекол историски за двете земји, тоа е пред сѐ поврзувањето на Плав и Дечан, изградбата на пат и тунел што ќе ги поврзе двете зони. За Црна Гора тоа е од особено значење, верувам, и за Косово, но и за развојот на патната инфраструктура меѓу Пеќ и Рожае“, рече Абазовиќ, пренесе ТРТ Балкан.

Тој рече дека денеска е потпишан многу важен документ за слободното небо над Косово и Црна Гора, од кој корист ќе имаат сите патници во авиосообраќајот и граѓаните на двете земји.

Абазовиќ истакна дека Косово има голем партнер во Црна Гора и рече дека е сигурен дека наскоро ќе има големи инвестиции од косовскиот бизнис во Црна Гора.

Тој додаде дека во овој контекст, заедничка идеја на двајцата премиери е да организираат бизнис-форум на кој ќе се соберат луѓе од бизнис-секторот од двете земји со цел во директна комуникација да видат какви други можности постојат за соработка.

Тој ги повика сите граѓани на Косово да летуваат таму каде што традиционално одат и да знаат дека сѐ повеќе од добредојдени во сите градови на Црна Гора, не само во Улцињ, каде ги има најмногу, туку и во другите градови.

Премиерот на Црна Гора утрово беше примен од градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама, кој му го врачи клучот на главниот град на Косово.

Абазовиќ, кој во Косово престојува на покана на Косовската бизнис-алијанса, ќе го посети и приватниот колеџ „Универзум“, каде што ќе биде промовирана неговата книга „Критика на глобалната етика“. На посебната церемонија на тој колеџ, на Абазовиќ ќе му биде доделен почесен докторат.

Абазовиќ во текот на денешниот и утрешниот ден ќе има низа средби со претставници на институции и организации од Косово.