Косовскиот премиер Албин Курти и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска во Приштина разговараа за саботната средба во Охрид во рамки на дијалогот меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ.
Ден пред средбата меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид, чиј фокус ќе биде финализирањето на Анексот за имплементација на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, Курти им се заблагодари на САД и на Ескобар за нивната посветеност и придонес во дијалогот меѓу Приштина и Белград, соопшти Владата на Косово.
Владата во Приштина наведува дека предлогот на ЕУ е „прифатен од Косово како добра основа и солидна платформа за движење напред кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со взаемно признавање “.
„Посветена, конструктивна и креативна, делегацијата на косовската влада со добра волја и добри намери патува во Охрид“, се наведува во соопштението.
За време на дводневната посета на Приштина, Ескобар се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца и со лидерите на опозициските партии.