Курти: Местото на Косово е во Советот на Европа затоа што ги отелотворуваме истите вредности

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека на Косово „местото му е во Советот на Европа“, бидејќи ги отелотворува вредностите на таа организација.

На првиот состанок на Координативната група за членство на Косово во Советот на Европа, Курти оцени дека Косово ги исполнило „правните барања и демократските стандарди“ за прием во таа организација.

„Се разбира дека на Косово му е местото во Советот на Европа. Ова уште повеќе ја зајакнува заштитата на правата на нашите граѓани, без оглед на разликите“, рече Курти.

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала изјави дека од моментот кога процесот на прием ќе помине во Собранието на Советот на Европа, започнува „важната фаза на евалуација и конкретни чекори“.

„Владата на Косово тесно ќе соработува во секоја фаза во процесот на оценување на работната група на Советот на Европа. Кога ќе заврши првата фаза, се ќе зависи од координацијата на оваа група, а од вашата координација ќе зависи и брзото членство на Косово во Советот на Европа“, рече министерката.

Министерскиот комитет на Советот на Европа во април одлучи да го достави барањето за членство на Косово до Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Косово аплицираше за членство во Советот на Европа на 12 мај 2022 година.

Советот на Европа е меѓународна организација за човекови права, демократија и владеење на правото во Европа, која исто така им помага на земјите-членки во борбата против корупцијата и тероризмот.