Курти: Ќе одговориме еквивалентно кога ќе се увериме дека Србија ја применува одлуката за косовските таблички

 – Косовскиот премиер Албин Курти денес изјави дека Владата на Косово ќе дозволи движење на возилата од Србија без налепници кога ќе се увери дека Белград почнал да ја применува својата одлука за признавање на косовските таблички.

Курти на почетокот на седницата на Владата на Косово рече дека одлуката на Владата на Србија за признавање на косовските регистарски таблички се случила по повеќе од една деценија неспроведување на договорот за слобода на движење и по две години користење на табличките за дестабилизирање на ситуацијата на северот на Косово.

„Табличките во Косово во септември 2021 година беа искористени за да му упати закана на Косово со авиони МИГ 29 подигнати на небото над границата и да се обидат да го дестабилизираат северот на земјата, особено со 16 барикади поставени на патиштата во четири општини на север, три недели по ред, во декември минатата година“, рече Курти.

Тој понатаму потсети дека овој декември табличките „се користеле за намалување на притисокот на демократскиот Запад, Европската Унија и Соединетите Американски Држави врз Србија поради нерегуларните и недемократски избори, со цел да се покрие отфрлањето на Основниот договор во форма на писмо од премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, упатено до Европскиот совет на 13 декември и со цел да го прикријат нивниот неуспех во Бањска на 24 септември.

Косовскиот премиер оцени дека оваа одлука на Владата на Србија треба да се чита како маневар не во корист на државата Србија, уште помалку на Косово, туку за останување на власт.

Курти рече дека ставот на Косово во однос на табличките секогаш се заснова врз реципроцитет.

„Ќе продолжиме да бидеме принципиелни и конструктивни. Нашата еквивалентна одлука, како меѓудржавен реципроцитет, ќе ја донесеме штом нашата гранична полиција ќе документира и утврди дека Србија целосно и без мешање ќе ја спроведе својата одлука“, нагласи Курти.

Според најновата одлука на Владата на Србија, од 1 јануари сите возила од Косово ќе може да се движат слободно, без употреба на налепници, кои се залепени над државните ознаки на регистарските таблички. Оваа одлука доаѓа веднаш откако косовските власти забранија сообраќај на возила со стари српски регистарски таблички.

Европската Унија вчера ја поздрави одлуката на Владата на Србија официјално да ги признае регистарските таблички РКС, како позитивен чекор во имплементацијата на Договорот за пат кон нормализирање на односите, како и претходните обврски од дијалогот во однос на слободата на движење.

Портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, на социјалната мрежа Х наведе дека „оваа одлука го отвора патот кон целосно укинување на режимот на налепници и ЕУ сега очекува Косово да одговори на сличен начин“.

Примената на „режимот со налепници“ за регистарски таблички, според договорот постигнат во Брисел меѓу Косово и Србија, започна на 4 октомври 2021 година. Според тој договор, на премините и од косовска и од српска страна, ознаките на државата беа покриени со бели налепници на регистарските таблички. Со тоа заврши претходниот режим на издавање пробни таблички, но заврши и блокадата на патиштата од страна на локалните Срби од северот на Косово.