Лавров доаѓа во Иран, доаѓаат и шефовите на дипломатиите на Турција, Ерменија и Азербејџан

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров утре ќе го посети Иран, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

– Ги потврдуваме планираните разговори на господинот Лавров во Техеран во понеделник – изјави Захарова за руските новински агенции Тас и Риа, без да ги прецизира деталите за посетата.

Иранската новинска агенција ИРНА објави дека министрите за надворешни работи на Русија, Турција, Ерменија и Азербејџан биле поканети во Техеран на разговори.

Тема на средбата, како што се наведува, се односите меѓу Ерменија и Азербејџан по тензиите и конфликтите во Нагорно Карабах.

Од почетокот на офанзивата против Украина во 2022 година, Москва му се обрати на Техеран за воена и економска помош, а двете земји се под санкции од Западот.

Западните земји го обвинуваат Иран дека ја поддржува офанзивата на Москва со обезбедување на руските сили со беспилотни летала.