„Лаг Агролидер“: Нема социјална правда со политички мобинг

Невладината организација „Лаг Агролидер“ почна иницијатива и се вклучи во предлог-измените на Законот за мобинг со посебен акцент на политичкиот мобинг. Во пресрет на меѓународниот ден на социјална правда, 20 февруари, пратенички од Клубот на пратенички и советнички излегоа на терен во општините во Прилепскиот регион, во Кривогаштани, Долнени и во Прилеп за да ги слушнат предлозите за подобрување на законското решение.  

„Лаг Агролидер“ е дел од работната група при министерството за труд и социјална политика, а при подготвеното истражување констатира дека дури 77,3 насто од анкетираните вработени се изјасниле дека постои мобинг поради политичката припадност кој е најизразен при промените на локалната и националната власт. Но, мобингот, или вознемирувањето на работното место, тешко се докажува и ретко се пријавува, главно, поради недоверба во институциите и поради страв од губење на работното место.

Даниела Цветаноска, проект-координатор во „Лаг Агролидер“, нагласува дека се дел од работната група на Министерството за труд и социјална политика зашто се бараат измени во Законот.  

-„Лаг Агролидер“ е дел од работната група при Министерството за труд и социјална политика кој ги дискутира и ги предлага измените и дополнувањата на Законот за мобинг. Бидејќи имаше барања за измени и дополнувања на Законот дури за 30 проценти, веќе се работи нова верзија на Законот што дополнително ќе биде дискутирана на работните групи и ќе биде претставена пред пратениците, како и пред Клубот на пратенички, вели Цветаноска.

Пратеничката Лолита Ристова од Клубот на пратенички смета дека е време на подобрување на законското решение зашто имаме исполитизирано општество. А добро исфилтрираните предлог-измени ќе наидат на отворени врати.

-Сметам дека иницијативата на Лаг Агролидер кога ќе стигне пред законодавниот дом, ќе наиде на отворени врати и ќе дадеме можност ова решение законски да биде подобрено. Докажувањето на политичкиот мобинг е навистина тешко, но не смееме да заборавиме дека во услови на едно исполитизирано општество и тоа како е присутно и затоа мора со тоа да се справуваме и да наоѓаме решенија за поскоро да има искоренување на оваа појава. Да овозможиме сите кои се на работните места да го работат она за кое се вработени, а не да трпат вознемирувања на работното место од било каков карактер, вклучително и на политички мобинг, вели Ристова.

Поддршката ја споделува и советничката од Прилеп Билјана Кузманоска.

-Ние жените единствено, гласно и одговорно со заедничка поддршка, особено жените кои се актуелни политичарки можат на повеќе начини да влијаат на спречувањето на мобингот врз жената во политичкиот живот, смета Кузманоска.