Летаа боксови на сите страни, премиерот Курти го полеаја со вода на говорницата, а потоа почна општа тепачка, погледнете ја драмата во косовското Собрание (ВИДЕО)
На денешната седница, на косовското Собрание дошло до физичка пресметка меѓу претставници на владејачката Самоопределување и претставници на опозициските партии.
Како што јавија приштинските медиуми, инцидентот се случил за време на говорот на премиерот на косовската влада, Аљбин Курти.
Не се знае точно што се случило, но во еден момент Курти бил полеан со вода и почнале да се кошкаат пратеници, по што настанала тепачка, пишува Коха.
Претседателот на Собранието Гљаук Коњуфца нареди полицијата да интервенира.
Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири, претходно ги критикуваше приштинските власти за начинот на кој управуваат со ситуацијата на северот на земјата.
Тој побара одговор од премиерот Аљбин Курти зошто до сега не ги следел советите на САД.
„Несомнено, вчерашниот ден е еден од најстрашните денови во историјата на владеењето на нашата земја. Тоа е денот кога владата и ова собрание беа обземени од страв и гнев. Премиере, вчера донесовте одлука да се повлечете по четири месеци експериментирање. После четири месеци откако го ставивте Косово како најсанкционирана земја. По четири месеци загрозување на полицајците. Излезете и кажете зошто го малтретиравте народот и воведовте санкции. Авторитетот ви падна на земја вчера. Мора да излезете овде и да покажете зошто им рековте не на САД, отидовте во Братислава и се снајдовте“.