Лидерот на Хамас, Ханије: Моите синови ги дадоа животите за ослободување на Ал Кудс и Ал Акса

– Шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, чии тројца синови и четири внучиња беа убиени во израелски напад во Газа, изјави дека неговите синови ги жртвувале своите животи за ослободување на Ал Кудс (Ерусалим) и џамијата Ал Аксa.

Телевизијата „Ал Џезира“ ја објави неговата порака откако тројца синови и четири внуци на Исмаил Ханије беа убиени во израелски напад врз возило во движење во бегалскиот камп Ал Шати во западниот дел на градот Газа.

„Фала му на Алах (Бог) што моите деца станаа шехиди. Моите деца останаа во Газа и не ја напуштија Газа. Целиот наш народ плаќа огромна цена со крвта на своите деца. Јас сум само еден од нив“, рече Ханије.

Тој истакна дека по големата болка и пролеана крв очекуваат поголема надеж, иднина и слобода за палестинскиот народ.

„Ние му порачуваме на Израел дека нема да го добијат на преговарачката маса она што не можат да го добијат со уништување и масакр. Крвта на моите синови не е повредна од крвта на другите наши луѓе кои се убиени во Газа. Моите деца ги жртвуваа своите животи за ослободување на Ал Кудс и џамијата Ал Акса“, рече Ханије.

Напоменувајќи дека Израел мислел дека ќе ја скрши одлучноста на Палестинците со убивањето на децата на нивните лидери, Ханије рече дека ова крвопролевање само дополнително ќе го зголеми нивниот отпор и одлучност да останат лојални на палестинската територија.

„Речиси 60 членови од моето семејство се убиени во војната и нема разлика меѓу нив и нашиот народ. Колку и да се големи нашите загуби, нема да потклекнеме пред уцените на Израел и нема да правиме отстапки.“

Според очевидци, израелската војска погодила возило во кое се наоѓале многу членови на семејството на Исмаил Ханије, кои биле на пат заедно со луѓето од бегалскиот камп Ал Шати да го прослават Рамазан бајрам.

Медицински извори потврдија дека во нападот загинале и синовите на Ханије, Хазим, Емир и Мухамед, и внуците Муна, Амал, Халид и Резан.

Во соопштението на Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа се наведува дека израелската војска извршила масакр над семејството на Исмаил Ханије, бомбардирајќи го автомобилот во кој се превезувале неговите деца и внуци на првиот ден од Бајрам.

Се посочува дека израелската војска го извршила масакрот додека семејството Ханије било на пат да ги посети роднините и соседите по повод празникот Бајрам.

„Овој напад е продолжение на континуираните злосторства на окупаторот врз цивилите, децата и жените, и покрај празникот Бајрам.“