„Мажи од Бор го признаа убиството на малата Данка“, објави МВР на Србија

– Припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, по десетдневна опсежна операција, детални проверки на сите индиции и информации, ги уапсија С.Ф.(1974) и Д.Д.(1974), двајцата од Бор, поради сомнение за убиство на двегодишното девојче Данка Илиќ.

„Двајцата осомничени целосно признале дека сториле кривично дело, а во тек е претрес на теренот по телото“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

Полицијата продолжува интензивно да работи на овој случај за што навреме ќе ја информира јавноста.

Претходно денес претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека полицијата привела две лица што ја убиле малата Данка.

Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во близина на Бањско Поље во Бор, а оттогаш трае потрагата по неа.

Се сомневаше и дека е киднапирана и дека е во Виена, но по оперативна проверка утрово австриската полиција соопшти дека на видеото што претходно беше објавено во медиумите ја нема Данка Илиќ.

По неа е распишана потерница од Интерпол. Поради исчезнувањето на малото девојче Данка за првпат во Србија е активиран системот „Најди ме“.