Македонија го доби кредитниот рејтинг „ББ+“, потврди Фич

Република Северна Македонија го задржа кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилна перспектива, што е потврдено во најновиот извештај на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“.

Одржувањето на кредитниот рејтинг е резултат на спроведувањето на правилно дизајнирани, доверливи и кохерентни макроекономски и финансиски политики, во согласност со долго одржуваниот фиксен девизен курс. Резултатот е особено значаен, со оглед на глобалното опкружување и неповолните фактори, како што се техничката рецесија во РФ Германија и долготрајната војна во Украина.

Од „Фич“ очекуваат намалување на буџетскиот дефицит на 4,5 отсто од БДП во 2023 година, кој дополнително ќе се намалува во 2024 година и ќе биде на ниво од 3,4 отсто од БДП.

Според „Фич“, зајакнувањето на фискалната консолидација доаѓа како резултат на континуираниот напредок на Владата во управувањето со јавните финансии и воведувањето фискални правила и Фискалниот совет, согласно новиот Закон за буџет.

Инфлацијата е намалена на едноцифрено ниво и Агенцијата очекува таа да продолжи да се намалува во 2024 година, како резултат на замрзнувањето на цените на храната и очекувањата за цените.

Агенцијата нагласува дека зголемувањето на платите и пензиите ја зголемува потрошувачката и тоа позитивно ќе се одрази на економскиот раст. Приватната потрошувачка и инвестициите, особено во енергетскиот сектор, како и изградбата на Коридорот 8 и 10 ќе продолжат да го стимулираат растот во текот на предвидениот период.

Кредитниот рејтинг има позитивно влијание врз инвестициските одлуки во една земја, што пак има влијание врз зголемувањето на економскиот раст, извозот, вработеноста и платите.