Маричиќ: Прашањето на кривичен прогон и спроведување на правдата е за обвинителството и за судовите

– Прашањето на кривичен прогон и спроведување на правдата е прашање за обвинителството и за судовите, истакна вечерва вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во однос на процесот на реформи и застарувањето на судските предмети со измените на Кривичниот законик.

Во гостување на ТВ Телма, Маричиќ посочи дека земјава, како ниту една држава во регионот, имала и има случаи на висока корупција коишто добиле своја институционална завршница.

-Каде во регионот има двајца министри за внатрешни работи коишто издржуваат казна затвор? Една од нив го заврши издржувањето на казна. Каде имате толку голем број на министри, градоначалници и поранешен премиер, поранешни генерални секретари на Влада, еве да ги опфатиме од сите политички партии, коишто се соочиле со лицето на правдата, праша Маричиќ.

Според него, покажан е капацитет и затоа, како што истакна, не треба самите да се осудиме, особено со оглед на тоа што многу случаи завршиле и со затворски казни.

На прашање за уставните измени и дали има владиниот состав решение за нивно изгласување  вицепремиерот Маричиќ одговори дека нивната заложба е да можат што побрзо да ги изгласаат уставните амандмани за да се растоварат изборите коишто следат од тоа прашање.

-Ние знаеме што ќе се случи ако нема уставни измени, тоа ни е познато. Тоа значи дека граѓаните ќе мора да одлучат помеѓу својата иднина во европските интеграции и завршување на преговорите за некои четири-пет години или во агонија од 15 години којашто во меѓувреме ќе ја зајакне позицијата на Бугарија, ќе даде аргументи на бугарската страна и ние ќе бидеме перцепирани како оние коишто го прават проблемот. Тоа сме го поминале веќе со Грција, и после 10-15 години, под многу полоши услови ќе треба да го направиме истиот компромис, а во меѓувреме ќе порасне национализмот, сиромаштијата, изолацијата итн, истакна Маричиќ.

Потенцираше дека тие се двата концепти коишто ќе се прелеат и на изборите за одлука доколку не се направат измените пред тоа.