Маричиќ прв вицепремиер во преодната Влада, за вицепремиери определени и Груби, Битиќи и Грковска

 – Бојан Маричиќ е определен за прв вицепремиер задолжен за европски прашања, а досегашниот прв вицепремиер Артан Груби, за заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. 

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот на преодната Влада Талат Џафери, на првата седница на новоизбраниот владин состав информирал дека за вицепремиери се определени и Фатмир Битиќи, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции и Славица Грковска, задолжена за политики на добро владеење.

На првата, конститутивна седница на техничката Влада, Џафери порачал дека нивна клучна задача ќе биде организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Ги соопштил очекувањата од работата на Владата во делот на организацијата и спроведувањето на претстојните избори и за реализацијата на тековните валдини обврски во интерес на граѓаните.

-Пред нас е една клучна задача, подготовка и организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Во таа наша задача, имаме обврска да соработуваме и со Собранието и со Државната изборна комисија и со Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, но и со Европската Унија и САД како наш стратешки партнер, со цел да обезбедиме највисоки европски стандарди во процесот во изборната кампања и на самите избори, со целосен фокус на создавање услови, во коишто граѓаните, на изборите, јасно ќе ја изразат својата волја, рекол Џафери, информираше валдината прес-служба.