Мексико го екстрадира синот на Ел Чапо во САД

 – Овидио Гузман Лопез, син на водачот на картелот Синалоа, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, вчера бил предаден на агентите на Интерпол од страна на мексиканските власти за да биде екстрадиран во Соединетите Американски Држави (САД).

Мексиканските и американските медиуми објавија дека Гузман Лопез го напуштил затворот со максимално обезбедување „Ел Алтиплано“ со хеликоптер, придружуван од седум агенти на Интерпол.

Гузман Лопез е баран од САД за шверц на фентанил, метамфетамин, кокаин и марихуана.

САД поднесоа барање за екстрадиција на Гузман Лопез во 2019 година по неуспешното апсење од страна на мексиканските власти.

Гузман Лопез е син на Ел Чапо, поранешен водач на картелот Синалоа, кој отслужува доживотна казна затвор во САД.

Гузман Лопез беше еден од шефовите на Чапитос, фракција на картелот на неговиот татко што го раководеше заедно со неговите тројца браќа.

Според американските власти, Чапитос има голем удел во бизнисот со дистрибуција на фентанил во САД.

Екстрадицијата на Лопез се чекаше четири години откако Мексико го уапси Гузман Лопез во Кулијакан во 2019 година.

Неговото апсење поттикна бран насилства поради револтот на сојузниците на картелот, кои почнаа да го пустошат северозападниот мексикански град. Блокадите на патиштата, вооружените напади и директните напади врз семејствата на мексиканскиот воен персонал поттикнаа судири меѓу војската и вооружените лица од картелот Синалоа. Насилствата изнудија одлука на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор за негово ослободување.

Гузман Лопез повторно беше уапсен во јануари.