Лионел Меси (36) летово потпиша за Интер Мајами како слободен играч и постигна 11 и асистираше на пет гола во 12 настапи за американскиот клуб. Иако е на залезот на кариерата, фантастичниот Аргентинец не размислува за пензија. Во интервју за TyC Sports, тој изјави дека сака да игра за Њуелс Олд Бојс, аргентински клуб за чии сениори не играл бидејќи на 14 години заминал во Барселона. Во каталонскиот клуб стана според многумина најдобриот фудбалер на сите времиња.
Отсекогаш сум размислувал за една идеја, а тоа е да уживам во аргентинскиот фудбал играјќи, како светски шампион, за Њуелс“, изјави Меси и додаде дека не ни размислува за крајот на кариерата. “Не размислувам што ќе правам по кариерата. Сакам да го работам она во што уживам. Не размислувам за иднината. Ќе уживам во тоа колку што е можно повеќе. Најмногу сакам да играм фудбал”, додаде добитник на седум награди „Златна топка“ за најдобар играч во светот.
Договорот на Меси со Мајами е до летото 2025 година. За време на својата богата кариера освои 35 трофеи со Барселона, три со ПСЖ и еден со Мајами. Со Аргентина беше светски првак во Катар, а ја освои и Копа Америка.