Мицкоски за повикот на Пендаровски: Прво извинување, па дуел

По повикот на претседателот Стево Пендаровски, кој е во трка за втор мандат, за дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, тој денеска му одговори дека стои на располагање – но постави неколку услови.

По повикот на претседателот Стево Пендаровски, кој е во трка за втор мандат, за дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, тој денеска му одговори дека стои на располагање во секое време за дебата – но постави неколку услови.

„Пендаровски за да дебатира со мене најпрвин треба да биде претседател на СДСМ, оваа партија наскоро да биде најголема опозициска партија. Јас му стојам на располагање за дуел во кое било време за дебата, да избере медиум, да избере време, ден и немам никаков проблем да дебатирам“, рече Мицкоски по средбата со членовите на МАСИТ. Тој исто така побара Пендаровски и да се извини на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Два услови

„Треба уште еден услов да исполни, а тоа е да се извини на професорката Гордана Силјановска Давкова за навредите, кои ги кажува на отворена сцена. И навистина мислам дека тоа што тој го прави е непримерно. Но, тоа е негов начин на однесување, навреда кон дама, навреда кон жена е нешто кое што ниту е дел од мојот карактер, ниту пак за мене е прифатливо и очекувам тој гест да го направи – да се извини, па потоа се останато“, рече Мицкоски.

Тој посакува кампањата да биде мирна и да нема некои посериозни инциденти. „Потоа оние коишто ќе ја добијат довербата, јас силно верувам дека ќе биде Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Твоја Македонија’, да направат нешто ново за Македонија, нешто што ќе биде поразлично од тоа што го гледаа граѓаните изминативе три децении“, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан како ја коментира досегашната кампања, Мицкоски рече дека Ковачевски не го коментира, бидејќи исчезнал. „Не знам дали Пендаровски се срами од Ковачевски како претседател на партијата која што го поддржа или има нешто друго како причина, но човекот исчезна“, рече Мицкоски.