Млади вршат обука како се одгледува буковка среде неготинското село Вешје, МИА деновиве беше дел од еден прекрасен настан на кој беа присутни и државјани од Косово. Руралната канцеларија на екологистите од Неготино, со ова го означи стартот на активностите за промоција на здрава храна, чистата животна средина и можностите што тие ги нудат за развој на мали семејни бизниси и развој на еко туризмот.
„Виновници” за прекрасниот настан што му даде живост на селото, беа активистите од здружението на граѓани „Ековита” од Неготино. Ова регионално еколошко здружение, со години наназад се бави со производство на буковка.
Пред многубројните присутни, Кристина Тодорова и Мите Јаначков имаа теоретска и практична презентација за производство на буковка, но и други видови печурки за сопствено производство и домашни потреби, но и за евентуален фамилијарен бизнис.
Тодорова, како координатор на активностите, информираше дека во рамките на овој проект, на производство на печурки обучуваат и корисници на услуги на старски дом, во еден од македонските градови.
– Производството на печурки, за корисниците на услугите на старечки дом, претставува своевидна работна терапија, покрај активностите за здраво стареење. Тие ќе произведуваат печурки буковки, со цел да се активираат, рекреираат, а и да уживаат во сопствено произведената храна, појасни Тодорова.
Во рамки на проектот ,,Mushroom network“, поддржан од Социјално претприемништво за младинско вработување, одржаа работна средба со претставници на Botanic-IIc од Косово, за давање совети за одгледување на печурки и воспоставување на соработка.
Од „Ековита” нагласија дека обуките стартуваа со производство на буковка, а ќе продолжат и со други видови печурки, особено медицински, реиши и шитаки.
– Гледаме голем потенцијал во ова и тоа не само во Косово туку и во целиот Балкан, затоа сме присутни тука за да отпочнеме со вакво производство и да соработуваме, рече Блеринда Велиу.
Таа рече дека се занимаваат со производство на плантажи со чај и собирање на диви печурки.
Велиу потврди дека се иселуваат и млади од Косово, како впрочем и од други земји, но има голем процент на млади и се обидуваат да се едуцираат на факултети, да произведуваат и да започнуваат свои бизниси.
Со желби соработката брзо да расте, заеднички беше посадено брзорастечко дрвце „пауловнија”.
На патот на виното
Вешје е на околу 17 километри оддалечено од градот Неготино. Поголемиот дел од патот е асфалтиран. Населбата е на околу 550 метри надморска височина.
Над селото има верски објект „Свети Димитрија”, на патот на виното што го трасирале винарите од најпознатиот регион за производство на грозје во државава, Белград, опеани и во песната Билјана платно белеше, како винари белограѓани. Како што се раскажува, токму овде некогаш со каравани се носел најубавиот божествен пијалок од грозје, виното.
Претседателот на месната заедница, Крсте Николов, кметот на селото, ни раскажа дека Вешје, кое некогаш имало околу 300, сега има само околу 45 жители со лична карта и петнаесетина што постојано живеат тука. Во тринаесетина куќи постојано се живее, но има и такви што се користат за престој на ловџии, или додека се обработуваат лозовите насади. Многумина идат тука повремено, бидејќи имаат викендички и лозја. Има дваесетина викендици на луѓе што живеат во земјава или странство. Големи количини квалитетно грозје се произведува во селото што важи и за воздушна бања.
На верскиот празник што се слави со години, Духовден, доаѓаат и оние кои се иселиле и нивните потомци, но и такви кои немаат никаква врска со селото, ама уживаат во селската идила. Има и такви кои открија дека веруваат оти молитвите упатени во овој верски објект, им донеле на свет дечиња по неколкугодишно чекање. Се палат свеќи и се носат дарови за здравје и среќа, на празникот се игра и се пее со жива свирка , се наздравува со тиквешки вина и ракии со извонреден вкус. На веселбата, низ годините, се беа збрале и млади и стари. Многумина од нив за да бидат дел од прославата пристигнуваат сместени во тракторски приколки. Ги има, како што велат, раштракани насекаде, но за Духовден се собираат заеднички да прослават, за здравје и среќа. Заедничка желба им е, да се доасфалтираат уште околу 1.800 метри од патот. За да може побрзо и побезбедно да се патува, но и да се пренесуваат грозјето и другите земјоделски производи.
Верувања за старо закопано турско злато
Населбата три пати била селена во минатото под притисок. Некогаш селото било мешано, половина од жителите биле Македонци, а другата половина Турци.
– Вторите ја имале среќата да живеат во долниот дел каде што биле најплодните ниви, за разлика од македонските семејства кои морале да се задоволат со ридестите површини, па затоа биле главно сточари. Но од друга страна пак, тие во ридестите површини успевале да го произведат најквалитетното грозје кое се добива без наводнување. И денес овде се произведува грозје со извонреден вкус, сопствениците си ги обработуваат лозовите насади иако живеат во Неготино или Кавадарци. Ова грозје добиено на надморска височина и до околу 700 метри, освен по својот квалитет, се издвојува и по нешто друго. Имено, овде виновите лози многу помалку се третираат со хемија против болести и штетници отколку во градот, ни објаснуваше селоначалникот.
Има и други интересни детали кои го поврзуваат ова село со Турците. Иако многумина во Тиквешко веруваат дека во старите куќи во Вешје или во околината може да се најде старо закопано турско злато, кога за ова го прашавме Николов, одмавнувајќи со раката ни рече дека и ако имало скриено богатство, тоа сигурно е однесено од наследниците на иселените Турци кои доаѓале низ годините, да ги посетат дедовите родни огништа.
– Како претседател на месната заедница пред неколку години добив писмо од Измир, Турција, од некои госпоѓи кои детството и младоста го поминале овде. Сакаа да оствариме контакт за понатамошна соработка, се распрашуваа за своите некогашни другарки Македонки, откри тој.
Го оставивме Вешје, со желба за повторни средби. Таму има некоја посебна уметничка убавина и во камењата од разурнатите куќи и во старите дрвени чардаци. Колку ли тајни знаат.