Варшава е загрижена поради можното прелевање на војната на нејзина територија
Група од 100 војници на руската приватна воена компанија „ Вагнер “ се приближила до белорускиот град Гродно, во близина на границата со Полска, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
– Ситуацијата станува се поопасна… Најверојатно тие (вагнерците) ќе бидат маскирани во белоруски граничари и ќе им помогнат на илегалните мигранти да дојдат на полска територија и да ја дестабилизираат Полска – рече Моравјецки на прес-конференција во Гливице, во западно од Полска.
Најверојатно ќе се обидат да влезат во Полска преправајќи се дека се илегални мигранти и тоа претставува дополнителна закана, истакна Моравјецки, не прецизирајќи го изворот на неговата информација.
Полска, поранешна членка на Варшавскиот пакт, која е полноправна членка на НАТО од 1999 година, е загрижена за можното прелевање на војна на нејзина територија откако Русите ја нападнаа Украина во февруари 2022 година.
Полска претходно овој месец почна да преместува повеќе од 1.000 војници на истокот од земјата поради зголемената загриженост дека присуството на вагнерите во Белорусија може да доведе до зголемени тензии на нејзината граница.
Антон Мотолко, основач на белорускиот опозициски проект Хајун, кој ги следи воените активности во земјата, изјави за Ројтерс дека неговата група не видела никакви докази за борците од „Вагнер“ кои се приближуваат кон Гродно.
Градот има потенцијално значајна позиција со оглед на неговата близина до коридорот Сувалки, стратешки појас долж полско-литванската граница што го дели рускиот сојузник Белорусија од руската енклава Калининград.