Мурињо поднесе оставка од УЕФА: Условите во кои верував повеќе не постојат

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо го напушти Фудбалскиот комитет на УЕФА и оваа одлука му ја соопшти на претседателот на ова тело, Звонимир Бобан, кој инаку е близок соработник на Александар Чеферин.

Одлуката на Мурињо доаѓа само неколку дена откако тој беше суспендиран на четири натпревари од УЕФА поради неговото однесување по финалето во Лигата на Европа против Севиља, каде што тој го нападна англискиот судија Ентони Тејлор.

„Почитуван господине Бобан, ви благодарам што ме поканивте да станам член на Фудбалскиот комитет на УЕФА. Сепак, со жалење ве информирам дека во овој момент поднесувам оставка. Условите во кои цврсто верував кога се приклучив веќе не постојат и се чувствувам должен да ја донесам оваа одлука“, напиша Мурињо и додаде:

„Ве замолувам мојата одлука да му ја пренесете на претседателот Александар Чеферин.“

Идејата на Фудбалскиот комитет на УЕФА беше да се соберат активни и поранешни фудбалери и тренери, кои ќе предлагаат идеи со кои ќе се постигне напредок на спортот и самата фудбалска организација.

Што се однесува до Мурињо, тој сигурно ќе остане тренер на Рома и во следната сезона, иако порано интерес за негово доаѓање покажа и ПСЖ.