Муслиманите и христијаните во шведско предградие сплотени против сквернавењето на Куранот

 – Во Фисксатра, мирно предградие во општината Начка надвор од Стокхолм, муслиманите и христијаните со години коегзистираат во мир.

Заедно одржуваат „молитви за мир“, организираат културни фестивали, па дури и планираат да ги изградат своите храмови за богослужба еден до друг.

Тој дух беше ставен на тест со неодамнешниот бран напади врз муслиманската света книга во Шведска, но жителите на Фисксатра се решени заедно, сплотени, да го надминат предизвикот.

Во јули членовите на муслиманската и христијанската заедница на Фисксатра застанаа рамо до рамо на плоштадот Медборгарплацен во Стокхолм во знак на протест против сквернавењето на Куранот.

Меѓу оние што излегоа во знак на солидарност беше и Карл Далбак, викар на Начката парохија на Црквата на Шведска.

„Беше трогателно. Многу муслимани дојдоа кај мене и ми се заблагодарија за учеството на протестот против палењето на Куранот. Сакаа да се сликаат со мене“, изјави тој во видеоинтервјуто за Анадолу.

Исламскиот културен круг на Шведска (ICC), муслиманска организација со седиште во Стокхолм, соопшти дека демонстрациите се најголем ваков протест одржан досега и им овозможиле на луѓето на мирен начин да ги изразат своите ставови.

Исламскиот културен круг планира неколку активности за подигнување на свеста за исламот и светата книга Куран: „Во врска со тоа, муслиманската и христијанската заедница на Фисксатра ќе соработуваат“, истакна претставникот Мухамад Акиб.

„Ќе организираме програма во црквата, каде што ќе има молитви и рецитирање на Куранот“, изјави тој за Анадолу.

Тие планираат и дистрибуирање на примероци од Куранот со шведски превод, како и едукативни видеа за светата книга на платформите на социјалните медиуми.

Исто така, имаат во план да поканат познат исламски теолог од Саудиска Арабија за да одржи рецитирање на Куранот на големите плоштади низ Шведска.

– Правни измени –

Континуираните напади на Куранот во Шведска и соседна Данска предизвикаа жестока осуда од муслиманите низ светот и повици за мерки за запирање на таквите дела.

На крајот на јули шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека е во контакт со неговата данска колешка Мете Фредериксен, и дека двете земји признаваат дека ситуацијата е опасна и оти се потребни мерки за решавање на проблемот.

Кристерсон рече дека неговата Влада ќе разгледа начини за решавање на проблемот, но отфрли какви било големи промени во шведските закони за слобода на изразување.

Далбек, свештеник повеќе од три децении, рече дека поединците што го сквернават Куранот се лица што сакаат да создаваат проблеми и да ги повредуваат луѓето.

Тој истакна дека овие дела се форма на говор на омраза, додавајќи дека иако денес е против муслиманите, говорот на омраза е распространет и против Евреите и христијаните.

„Престанете да го правите ова. Дојдете и разговарајте со нас“, апелираше тој до оние што се занимаваат со овие дела, нагласувајќи дека палењето на Куранот е ужасен начин на искористување на слободата на изразување на една личност.

Според Акиб, нападите се поврзани повеќе со поединци што бараат внимание и популарност отколку со омразата кон исламот и муслиманите.

Исто така, тој верува дека овие луѓе се поддржани од екстремно десничарски политички групи.

Далбек смета дека ќе продолжат таквите инциденти, но е оптимист за позитивните промени во иднина бидејќи „никој не сака вознемирувачите да владеат со светот“.

Тој смета дека постојните закони во Шведска се доволни за да се спречат идните вакви напади.

„Многумина сметаат дека е доволен законот што го имаме денес за да се забрани палење на Куранот“, рече тој.

Нов закон, кој експлицитно се занимава со палење на светите списи, не е неопходен бидејќи постојниот треба да се користи и да се толкува ова како говор на омраза против религиозните групи, со цел да се запрат ваквите инциденти, додаде тој.

Сепак, Акиб, инаку претставник на Исламскиот културен круг на Шведска, рече дека неопходни се одредени измени на сегашниот закон за да се осигури дека нема простор за злоупотреба на религиите или верските книги под превезот на слободата на изразување.

„Постојниот закон треба да биде изменет за да не останат одредби што ќе им дозволуваат на луѓето да не го почитуваат исламот или која било друга религија“, рече тој за Анадолу, предупредувајќи дека таквите акции шират омраза во општеството и може да предизвикаат пошироки немири.