НАТО ЈА ДИГНА РАЧНАТА? Столтенберг: „Ма каква Русија“

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска за време на посетата на Македонија изјави дека НАТО не гледа никаква воена закана од Русија против ниту еден сојузник на НАТО или регионот.

„Но, секако, остануваме внимателни и ќе останеме обединети“, рече тој по средбата со премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски.

Столтенберг рече дека НАТО следи што се случува и е подготвен да направи се што е потребно за да го одбрани секој сојузник од воена закана.

„Ние ќе продолжиме да ја повторуваме пораката до Русија, да се воздржи од агресивни дејствија против нејзините соседи и да ја запре воената агресија врз Украина. Една од причините зошто (рускиот претседател Владимир) Путин влезе во војна беше да ја спречи Украина да се приклучи на НАТО, сакаше да си гарантира „НАТО да не се прошири, но го добива токму спротивното, а добива и нови членки Финска и Шведска“, додаде Столтенберг.

Ковачевски рече дека има руско влијание во регионот, но дека нема закана за безбедноста и стабилноста на Македонија бидејќи институциите си ја вршат работата.

„Се разбира, влијанието на трети земји, вклучително и руското влијание, постои во регионот и тие секогаш можат да најдат истомисленици во одредени политички партии и во одредени организации, но тие не се ни блиску до она што го поседуваат нашите институции и она што НАТО земјите членки го поседуваат, на кој било начин може да ја дестабилизираат нашата земја“, рече Ковачевски.

Ковачевски и Столтенберг, кој денеска е во официјална посета на Македонија, остварија средба лице в лице, по што остварија билатерална средба заедно со делегациите.

На билатералната средба на која присуствуваа министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Столтенберг ја истакна улогата на Македонија како ценет НАТО сојузник, кој дава значаен придонес во реализацијата на целите на НАТО и останува посветен на учеството во операциите и мисиите на Алијансата.
На средбата беа посочени и конкретни политички и економски придобивки за земјата од членството во НАТО.

Ковачевски посочи дека стабилноста и безбедноста што ги овозможува членството во НАТО е од големо значење за развојот на економијата и дека тоа е директна придобивка за граѓаните и компаниите во Македонија.

Соговорниците на средбата истакнаа дека е исклучително важно и за земјата и за регионот, Македонија активно да учествува рамноправно со своите сојузници во дискусиите за регионална, европска или глобална безбедност, споделувајќи го својот специфичен пристап кон конструктивно решавање на предизвиците преку отворен дијалог, кој е основа за градење и развој на добрососедски односи.
Во 2020 година, Македонија стана 30-та членка на НАТО.