“ПОСЛЕДНИОТ ТАНЦ“ НА ЛИОНЕЛ МЕСИ И КРИСТИЈАНО РОНАЛДО – Најавена е нова пресметка на двете фудбалски легенди

Фудбалските ѕвезди, Аргентинецот Лионел Меси и Португалецот Кристијано Роналдо, повторно ќе се сретнат следниот февруари во пријателскиот натпревар меѓу нивните клубови Интер Мајами и Ал Наср.

Натпреварот ќе се игра во Ријад како дел од сезонскиот куп таму, објавија организаторите на социјалните мрежи, но се уште не е познат точниот датум на натпреварот.

Натпреварот кој организаторите го опишаа како „последен танц“ на двата фудбалски гиганти треба да се одигра во првата половина на февруари. Тогаш во Саудиска Арабија има шестнеделна пауза пред продолжувањето на шампионатот, а во првите месеци од новата календарска година американските клубови се подготвуваат за новата сезона во МЛС, која ќе започне на крајот на февруари.

Последната, 37-ма средба меѓу двајцата легендарни фудбалери се одигра и на пријателскиот натпревар помеѓу клубот од Ријад и Пари Сен Жермен на 19. јануари. Пред тоа како членови на европските гиганти одиграа 36 натпревари. 36-годишниот Лионел Меси со години играше за Барселона, пред две и пол години да замине во ПСЖ, додека две години постариот Кристијано Роналдо прво играше за Манчестер Јунајтед, потоа за Реал Мадрид, а на крајот од својата Европска ’кариера’ за Јувентус и по вторпат во дресот на „Црвените Ѓаволи“.

Во меѓусебната статистика, што се однесува до победите во сите натпреварувања, поуспешен е Аргентинецот кој забележа 17 победи. Девет натпревари завршија нерешено. По бројот на голови и двајцата се целосно изедначени, постигнаа по 23. Што е уште поважно, освоија бројни награди во кариерата и важат за едни од најдобрите фудбалери во историјата.

Кристијано Роналдо му се приклучи на Ал Наср на 30. декември минатата година, додека Лионел Меси го напушти ПСЖ на 7. јуни оваа година и му се приклучи на тимот од Флорида.