НА БАЛКАНОТ ЗАПОЧНУВААТ ГОЛЕМИ НУКЛЕАРНИ ВЕЖБИ НА НАТО – Јенс Столтенберг ги објави деталите: Еве во кои држави ќе се одржат маневрите

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, соопшти дека Алијансата ќе одржи голема нуклеарна вежба следната недела во Италија, Хрватска и Средоземното Море, два дена откако Русија предупреди дека ќе се повлече од глобалниот договор за забрана на нуклеарни тестови.

Во маневрите на НАТО, кои се одржуваат секоја година и траат околу една недела, учествуваат и воената авијација и авиони кои можат да носат нуклеарни боеви глави, но не носат активни атомски бомби, пренесуваат странските медиуми.

Ова е рутинска обука која се одржува секој октомври. Годинава вежбата ќе се одржи во Италија, Хрватска и Средоземното Море“, најави Јенс Столтенберг.

Тој додаде дека вежбата ќе помогне да се обезбеди кредибилитетот, ефективноста и безбедноста на капацитетите за нуклеарно одвраќање на НАТО со јасна порака дека Алијансата ќе ги заштити и брани сите сојузници.

Јенс Столтенберг вели дека руската војна против Украина е потсетник на важната улога што нуклеарниот арсенал на НАТО ја игра во одвраќањето на агресијата.

Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови, усвоен во 1996 година и познат како CTBT, ги забранува сите нуклеарни тестови насекаде во светот, иако никогаш не стапи целосно во сила.

Тој беше потпишан и од тогашниот руски и од американски претседател, но Соединетите Американски Држави никогаш не го ратификуваа.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во вторникот кажа за новинарите дека Русија „ќе биде принудена да го стори истото“ во случај на американска нуклеарна проба.

Во средата Јенс Столтенберг оцени дека изјавата го одразува недостатокот на почит на Русија и континуираното непочитување на нејзините меѓународни обврски.

Тоа е непромислено и ги загрозува глобалните норми против нуклеарно тестирање“, порача Јенс Столтенберг и потврди дека сојузниците во НАТО не планираат повторно да почнат со тестирање.

Јенс Столтенберг го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да користи нуклеарна реторика со цел да ги спречи сојузниците на НАТО за поддршка на Украина.