На донаторска конференција во Загреб на Украина ветени половина милијарда евра за деминирање

 Речиси половина милијарда евра наменети за деминирање на Украина беа ветени на денешната Меѓународна донаторска конференција што се одржа во Загреб.

Домаќинот на средбата, хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ, на прес-конференција рече дека 34-те земји кои учествуваат на конференцијата за деминирање и земји кои биле погодени од војна изразиле „јасна политичка поддршка за Украина во областа на деминирањето“.

Тој вели дека декларативната поддршка била проследена и со „конкретни ветувања“ во износ од речиси половина милијарди евра, како и дополнителни донации во технички материјали и опрема.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на отворањето на конференцијата соопшти дека неговата земја утре ќе донесе одлука за на Украина да и додели дополнителни пет милиони евра за деминирање.

Тој рече дека Хрватска, како и Украина, била жртва на агресија и дека процесот на деминирање на земјата трае со децении. – Хрватска целосно ќе го заврши процесот на деминирање во пролетта 2026 година, 31 година подоцна, рече Пленковиќ.

Украинскиот премиер Денис Шмихал, кој се обрати по пат на видео-врска, потенцираше на околу 30 отсто од земјата е под мини, што претставува опасност за шест милиони луѓе кои живеат таму.

Тој посочи дека експертите предупредуваат дека околу 10.000 луѓе би можеле да загинат од мини, додека прогнозите на Светска банка велат дека деминирањето ќе чини повеќе од 37 милијарди долари.

На конференцијата учествуваа претставници на земјите-членки на Европската Унија, САД, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Азербејџан, Норвешка, Швајцарија и организации како што се Светската програма за храна, Канцеларијата на ОН за проектни услуги и Програмата за развој при ОН.