На северот на Косово досега се пререгистрирани 1.500 возила со таблички РКС

На северот на Косово за две недели се регистрирани околу 1.500 возила со легални „РКС“ таблички, откако е отворен новиот рок за предрегистрација.

Владата на Косово одлучи да овозможи пререгистрација на возилата од стари српски во „РКС“ таблички од 1 ноември до 1 декември 2023 година.

Оваа одлука, како што посочуваат од Владата во образложението, е резултат на големиот број барања за пререгистрација на возилата.

Граѓаните кои живеат во северниот дел на Косово деновиве слободно доаѓаат и ги пререгистрираат возилата, што до пред неколку недели беше речиси незамисливо поради стравот дека ќе им бидат запалени возилата.

Екипата на Анадолу затекна неколку возила кои чекаа ред за технички преглед во Северна Митровица, за пререгистрација на таблички на „РКС“.

Повеќето не беа расположени да зборуваат за медиумите.

Еден од ретките кои се согласиле е Драган Костиќ од селото Слатине, кај Вучитрн, кој од крајот на војната во Косово во 1999 година живее во селото Грабовац, општина Звечан.

„Денеска дојдов да го пререгистрирам овој „кец“ од „КМ“ во „РКС“. Решив затоа што нема друг излез. Живеам во земја која ние „кобајаги“ не ја признаваме, но реално гледано е признаена. Цел свет ја призна, а јас како да не сакам“, изјави Костиќ.

Костиќ забележува дека досега слободно можел да го вози својот автомобил со таблички „КМ“. Тој додава дека и лани бил свесен дека треба да се пререгистрира, но се плашел да не му се запали колата или да биде претепан.

Сепак, голем дел од граѓаните од српската заедница кои живеат на северот на Косово решија да ги пререгистрираат своите возила во Србија, па на улиците на Северна Митровица најмногу може да се забележат возила со знаци на градови во Србија како „НП“, „БГ“, „КГ“ „ЛЕ“ и други.

Министерството за внатрешни работи на Косово напоменува дека до 1 декември 2023 година граѓаните ќе имаат можност да ги искористат поволностите за регистрација на регистарските таблички на РКС, кои вклучуваат царина, административни такси во Центарот за регистрација на возила, такси за регистарски таблички и такси за опрема со потврда за регистрација на возило.

По 1 декември 2023 година, на сопствениците на возила со стари српски регистарски таблички нема да им биде дозволено да се регистрираат со таблички на РКС, ниту да се движат на или преку територијата на Република Косово.

Според проценките, на северот на Косово има околу 10.000 возила кои не се пререгистрирани со таблички „РКС“.

Минатата година, прашањето за табличките доведе до излегување на Србите од косовските институции на централно ниво и од сите локални институции на северот на Косово, вклучително и полицијата и судството.