Во обраќањето до нацијата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доцна вечерва вети дека ќе ја искористи целата моќ на израелските одбранбени сили (ИДФ) за да ги уништи капацитетите на Хамас.
Нападите на милитантите од Газа во кои загинаа најмалку 200 лица, а стотици други се повредени, се нешто „што досега никогаш не е видено во Израел“, по што вети дека ќе се погрижи „тие никогаш да не се повторат“, јави „Тајмс оф Израел“.
-Тоа што се случи денеска никогаш не е видено во Израел. Ќе се одмаздиме за овој црн ден, рече Нетанјаху во телевизискиот говор од прес канцеларијата на израелската Влада, пренесен од британските медиуми.
Тој се осврна и на израелските војници и цивили земени како заложници од борците на Хамас.
-Му порачувам на Хамас, вие сте одговорни за добрата состојба на заробениците. Израел ќе се пресмета со секој што ќе им наштети, рече израелскиот премиер.
Тој кажа дека Хамас „започнал сурова и зла војна“, напаѓајќи невини цивили, млади и стари, додавајќи дека Израел ќе победи во таа војна, но дека цената ќе биде висока.
Според него, Хамас „сака да ги убие сите Израелци и да ги масакрира“, нагласувајќи дека ќе има одмазда за овој „црн ден“.
-Израел ќе го гаѓа Хамас на сите места каде што се крие и дејствува и нивните градови ќе ги претвори во урнатини, нагласи Нетанјаху.
Тој им порача на „жителите на Газа“ „веднаш да излезат бидејќи ќе дејствуваат насекаде со полна сила“.