“НЕ ДОЗВОЛУВАМЕ ДА НЕ ЧИПИРАТЕ!“ – Хаос во Солун: Теориите на заговор резултираа со масовен протест во Грција – дали црквата е виновна за овие немири !?

Замената на лични карти која штотуку почнува во соседна Грција предизвика огромни протести. Многу Грци се противат на замената на документи, предводени од длабоко религиозните граѓани кои се убедени дека тоа е теорија на заговор на државата. Имено, тие сметаат дека во новите лични карти се вградени чипови кои наводно ќе им овозможат на властите точно да знаат каде е некој граѓанин, па дури и да им го контролираат умот.

Затоа вчера во Солун протестираа околу 5.000 луѓе, носејќи национални знамиња и транспаренти, извикувајќи слогани и пеејќи ја националната химна. Тие преку разглас го пренесуваа говорот на починатиот поранешен поглавар на Грчката Православна Црква, архиепископот од Атина Христодулос, кој предупреди на непријателите на грчкиот народ.

По маршот низ центарот на Солун тие мирно се разотидоа, а следниот викенд истиот митинг ќе се организира и во главниот град Атина.

Новите лични карти ќе ги имаат истите информации како и претходните, единствена нова информација е крвната група на граѓанинот, иако внесувањето на овие податоци не е задолжително. Треба да се каже дека некои црковни епископи отворено поттикнуваат протести.

Атинскиот архиепископ Јеронимос, кој ја нема огнената реторика на неговиот претходник Христодулос, изјави дека за неколку дена Светиот синод на црквата ќе излезе со соопштение за новите лични карти и ги советува сите на „разумност и мудрост“.

Новите лични карти, дизајнирани во согласност со стандардот на ЕУ, ќе станат задолжителни во август 2026 година.