Николовски: Свесни сме дека природните катастрофи се неизбежни, но и дека влијаат на земјоделството

– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во пресрет на најголемата регионална агробизнис конфренција „Grow up – Силата на земјата“ во Србија, на која министрите од регионот ќе дискутираат за регионалната поврзаност како можност за развој и глобалните проблеми поврзани со климатските промени, изјави дека Северна Македонија, заедно со другите земји во регионот, доживува зголемени влијанија од климатските промени кои го засегаат земјоделството.

– Сведоци сме дека промените на глобалната клима придонесуваат за зголемување на зачестеноста и сериозноста на екстремните временски непогоди како што се поплавите и силните бури. Северна Македонија, заедно со другите земји во регионот на Југоисточна Европа, доживува зголемени влијанија од климатските промени кои го засегаат општеството во целина, но и функционирањето на многу клучни сектори, особено земјоделството. Свесни сме дека природните катастрофи се неизбежни, но изградбата на глобален систем на навремена и точна прогноза на временските и климатските екстреми може да помогне во подобра подготвеност и ублажување на штетните последици од катастрофите, изјави Николовски.

Регионална агробизнис конфренција „Grow up – Силата на земјата“, која ќе се одржи на 31 мај и 1 јуни на Копаоник, ќе собере најеминентни експерти, компании, сопственици на фарми, владини претставници од регионот, институции, универзитетски професори, од кои еден панел е посветен на регионалното поврзување како развојна можност.

Во рамките на тој панел, министрите за земјоделство од регионот ќе зборуваат за предностите или недостатоците на овој вид дејствување. Оваа дискусија е исклучително важна бидејќи глобалните проблеми поврзани со климатските промени во значителна мера се манифестираат и на Западен Балкан, бидејќи Балканскиот и Апенинскиот полуостров, заедно со остатокот од Југоисточна Европа, се најизложени на овие негативни влијанија.