Новак сака повеќе моменти со децата: Секогаш патувам, срцето ми се кине (фото)

Новак Ѓоковиќ, кој деновиве во Австралија го игра првиот Грен слем сезонава и го брани трофејот од минатата година, во разговор со другата тениска легенда, Џим Куриер, откри по што би сакал да биде запаметен кога ќе ја заврши кариерата и ја допре најважната тема – децата.

Во последно време тој забележливо го намали бројот на турнири на кои настапува, а друштво му прави семејството секогаш кога има прилика. Стефан и Тара моментално не се со него на другиот крај на светот и сигурно не му е лесно бидејќи ќе изостане најважната поддршка. Но, нешто треба да се жртвува.

– Да бидам искрен, малку сум поделен околу тоа. Дел од мене е секогаш момче кое сака тенис, знае само за тенис, му го посвети целиот живот. Тоа момче сè уште сака да продолжи. Од друга страна, татко сум на две деца, далеку сум од семејството… Секогаш кога долго патувам, срцето ми се кине.

– Јас секогаш размислувам колку долго треба да играм, колку турнири… Ја започнав годината како и обично: Дојдов рано во Австралија, сакам да играм овде, на местото каде што го постигнав најголемиот успех на ниво на Грен слем. После тоа, навистина не знам.

Најдобриот тенисер на планетата истакна дека приоритет му се четирите најголеми натпреварувања во сезоната, како и Олимписките игри, единственото злато што му недостига. Емоциите функционираа кога зборуваше за децата и семејството.

– Сè уште сум гладен за победи, сè уште сакам да се натпреварувам, сè уште можам да трчам со часови, но сега повеќе се работи за емотивниот аспект – кој е приоритетот? Тенисот е приоритет повеќе од дваесет години, всушност триесет години, и не сакам да пропуштам премногу моменти со моите деца.