Новиот претседател на Аргентина Хавиер Милеи најави „шок терапија“ за земјата

Новиот аргентински екстремно десничарски претседател Хавиер Милеи, во својот прв говор по официјалното преземање на функцијата, вети дека ќе испорача економска „шок терапија“ за земјата.

Тој ги предупреди Аргентинците дека земјата нема пари и повторно најави програма за остри мерки за штедење. Популистичкиот аутсајдер победи на ненадејните избори во ноември со радикални ветувања за реконструкција на болната економија на јужноамериканската нација. Инаугурацијата на Милеи се одржа во неделата во Буенос Аирес.

За време на инаугурацијата, 53-годишникот одржа говор во кој рече дека ќе ја смени „декаденцијата“ со длабоки кратења на трошоците, дизајнирани да ги намалат огромните јавни долгови и инфлацијата, која сега е повисока од 140 проценти, пишува Би-Би- Си .

„Заклучокот е дека нема алтернатива за штедењето и нема алтернатива за шок-терапијата. Знаеме дека на краток рок ситуацијата ќе се влоши, но потоа ќе ги видиме плодовите од нашите напори“, рече Милеи.

Новиот претседател брзо се искачи на највисоката функција во Аргентина на десничарска платформа која се залага за ограничување на правата за абортус, либерализација на законите за оружје и негирање на климатските промени, меѓу другото.

Како своевиден симбол на политиките што ќе се обиде да ги спроведе, Милеи често носеше моторна пила на изборните митинзи, што беше симбол на најавеното кратење на трошоците во земјата.