Норвешкиот премиер: Израел е наш пријател, но ги крши правилата на војната

Норвешкиот премиер денеска изрази жалење за непропорционалниот одговор на Израел на смртоносниот напад на Хамас и ја осуди „катастрофалната“ хуманитарна ситуација во Газа, додавајќи дека неговата земја е „пријател на Израел“ кој има право да се брани, почитувајќи го хуманитарното право.

Од нападот на Хамас на 7 октомври, Израел континуирано го бомбардира појасот Газа и ја интензивира својата офанзива. „Меѓународното право налага дека реакцијата мора да биде пропорционална. Цивилите мора да се земат предвид, а хуманитарното право е многу јасно за тоа. Мислам дека тоа ниво е значително надминато“, изјави Јонас Сторе за јавната радио станица НРК.

Тој исто така додаде дека околу половина од загинатите се деца. „Израел има право да се брани и признавам дека е тешко да се одбрани од напади кои доаѓаат од толку густо населена област како Газа. Ракетите се уште се истрелуваат од Газа и ние тоа го осудуваме“, изјави шефот на норвешката влада.

Ситуацијата е катастрофална“

Спротивно на нејзините нордиски соседи кои се воздржаа за време на гласањето во петокот за необврзувачката резолуција на ОН со која се повикува на итен, траен и одржлив хуманитарен прекин на огнот за ставање крај на непријателствата, Норвешка ја поддржа резолуцијата.

Сторе рече дека Норвешка е „пријател на Израел“ и дека „ги осудува нападите на Хамас извршени пред три недели“ и дека бара „заложниците веднаш да бидат ослободени“, но дека мора да биде јасно за ситуацијата во Газа. „Ситуацијата е катастрофална и мислам дека тоа е отворено кршење на она што го нарекуваме правила на војна или хуманитарно право“, рече премиерот.

Според израелските власти, 1.400 луѓе, главно цивили, биле убиени во нападите на командосите на Хамас. Хамас зароби 229 заложници, меѓу кои и Израелци, како и странци и лица со двојно државјанство. Досега ослободија четири жени. Хамас владее со Газа од 2007 година и тврди дека над 8.000 луѓе, главно цивили, се убиени во израелските бомбардирања досега.