Академското рангирање на светските универзитети за 2023 година го објави организацијата „Шангајски рангирање консултанси“.
Списокот годинава, за 20-годишниот јубилеј, не носи некои големи изненадувања. И оваа година меѓу илјадниците најдобри универзитети во светот нема високообразовна институција од Северна Македонија.
Универзитетот Харвард по 21 пат е на врвот на меѓународната листа. На второ место е Универзитетот Стенфорд, а на трето е Технолошкиот институт во Масачусетс – сите од САД. Американските универзитети, всушност, имаат 14 од првите 20 места на Шангајската листа.
Кај универзитетите во регионот, подобрување е забележано на Универзитетот во Белград, кој од позиција меѓу 401 и 500 сега е меѓу 301 и 400.
Меѓу српските универзитети, на Шангајската листа се наоѓа и Универзитетот во Нови Сад, кој ја задржа својата позиција меѓу 901. и 1000. место.
А Универзитетот во Загреб го задржа минатогодишното рангирање меѓу 401 и 500 место.
Изненадување е што Универзитетот во Љубљана испадна од првите 500 високотехнолошки институции во светот и сега е меѓу 601 и 700.
На листата годинава се најдоа и четири грчки универзитети, додека освен Македонија, на Шангајската листа нема ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.
Академското рангирање на светските универзитети, познато како Шангајска листа, ги претставува најдобрите високообразовни институции во светот од 2003 година, врз основа на воспоставена методологија и податоци од трети страни. Тој е препознаен како најсигурно глобално рангирање на универзитети. И оваа година беа истражени повеќе од 2.500 институции, од кои беа објавени илјадници најдобри универзитети.