ОВА Е НАЈТОПЛИОТ ЈУЛИ ВО ИЗМИНАТИТЕ 120.000 ГОДИНИ: „Страшно е! А тоа е само почеток“

Научниците тврдат дека живееме во најжешкиот период во историјата на човештвото.
Во екот на големите топлотни бранови, практично е сигурно дека јули оваа година ќе биде најтоплиот месец досега забележан во светот , бидејќи според научниците се направени такви мерења.

Според анализата на германскиот универзитет во Лајпциг, објавена денеска, јули 2023 година треба да собори рекорди на топлина, бидејќи просечната температура за овој месец на глобално ниво се предвидува да биде околу 1,5 степени Целзиусови над онаа од пред индустриски период.

Овој јули ќе биде најмалку 0,2 степени Целзиусови потопол од јули 2019 година, што беше најтопол во изминатите 174 години мерења врз основа на податоци од Европската унија, пренесува Ројтерс.

Ерата на глобалното затоплување заврши и дојде ерата на глобално вриење, изјави генералниот секретар на Обединетите нации откако научниците потврдија дека јули е на пат да стане најтоплиот месец во светот досега.

– Климатските промени се тука. Тоа е застрашувачко. И ова е само почеток. Сè уште е можно да се ограничи порастот на глобалната температура на 1,5 степени (во однос на прединдустриските нивоа) и да се избегне најлошото од климатските промени. Но само со драматична, итна климатска акција – изјави Гутереш за британските медиуми.

Постојаниот пораст на просечните глобални температури, предизвикан од загадувањето што ја задржува сончевата светлина и делува како стаклена градина околу Земјата, ги влоши временските екстреми.

– Потребата од намалување на гасовите кои го создаваат ефектот на стаклена градина е поитна од кога било досега. Акцијата за климата не е луксуз, туку неопходност – изјави генералниот секретар на СМО Петери Талас.

Некои научници веруваат дека јули оваа година би можел да биде најтоплиот месец во изминатите 120.000 години , додаваат британските медиуми.

Разликата меѓу оваа година и јули 2019 година е „толку суштинска што веќе можеме со апсолутна сигурност да кажеме дека ќе биде најтоплиот јули“, рече климатологот од Лајпциг, Карстен Хаустејн.