ОВОЈ ЧОВЕК ЈА ВОДИ БАНДАТА КОЈА СЕЕ СМРТ НА УЛИЦИТЕ ВО ШВЕДСКА: Убијците имаат по 14 години, војната започна со ликвидација на мајката на ГЛАВНИОТ РИВАЛ

Шефот на шведската полиција Андерс Торнберг вели дека ќе биде потребно извесно време додека бранот насилства што ја зафати пошироката област на Стокхолм не почне да стивнува.

Да потсетиме, само во септември на улиците на главниот град беа убиени 11 лица, а некои беа колатерални жртви на последниот бран конфронтации меѓу шведските улични банди.

Торнберг потврди дека во Шведска „не е помината една туку неколку граници“ и дека насилството најверојатно ќе продолжи пред да почнат да стапуваат на сила мерките на шведските власти. Дека ситуацијата е сериозна потврдува и најавата на шведскиот премиер Улф Кристерсон дека ќе испрати војска да им помогне на полицијата и правосудниот систем.

Не можам доволно да нагласам колку е сериозна ситуацијата. Вакво нешто никогаш не сме виделе, а не се случува во ниту една друга европска земја – рече Кристерсон во драматичното обраќање до нацијата во четвртокот, откако телата на последните жртви беа извадени од улиците на Стокхолм, а новите малолетници беа уапсени и приведени во полиција.

За последниот бран напади во Шведска се верува дека е одговорност на криминалната мрежа Фокстрот на чело со ирачкиот Курд Рава Маџид (37), кој пораснал во Упсала, а моментално се наоѓа во Турција.

Најзначајното нешто во врска со мрежата Фокстрот е тоа што е позната по регрутирање млади луѓе, така што во уличните војни, убијците и жртвите многу често се тинејџери на 13 и 14 години.

Маџид ја напушти Шведска во 2018 година, откако почна да добива смртни закани, меѓутоа, од странство се етаблираше како водач на бандата чии конкуренти или поранешни членови и неистомисленици беа брутално третирани.

Од 2020 година тој е на меѓународна потерница за трговија со дрога и насилни злосторства. Живеел во Ирак и Турција, а во 2020 година купил турски пасош благодарение на дарежливите инвестиции.

Шведската полиција се обидела да го организира неговото апсење и екстрадиција, но информациите за операцијата наводно протеколе и стигнале до Маџид. Поради него на почетокот на оваа година имаше несогласувања меѓу владите во Стокхолм и Анкара, но досега немаше апсења. Според шведската полиција, затворите во земјата се полни со негови соучесници и членови на други банди.

Маџид првпат бил осуден за криминал кога имал 19 години. Станувало збор за шверц на цигари и кражби. Прво влезе во конфликт со бандата Варби во предградијата на Стокхолм. Убиствата започнаа околу 2020 година. Другата банда со која влезе во војна беа Бандидос.

Маџид е во конфликт со криминалната мрежа од Дален на чело со Микаел Тенезос, кој е попознат по прекарот Грк. Прекарот на Маџид е курдската лисица. Војната со бандата Дален започна поради преземањето на нарко пазарот во градот Сундсвал.

Пазарот на дрога е во голема мера причина за големата војна на бандите. Според шведски извори, клиентите се главно други членови на подземјето, иако се проценува дека само неколку проценти од шведското население користи наркотици, а најпопуларен е канабисот.

Бандите со кои е сојузник Маџид се мрежата од Брон и мрежата Зеро од Јордбро.

Конфликтот сега изби меѓу Маџид и дел од неговата банда предводена од Исмаил Абд (33), кој до неодамна важеше за негова десна рака. Тој конфликт доведе до смртна спирала што ја покажува лошата крв полоша од кога било. На почетокот на септември беше убиена мајката на Абдо, жена на возраст од шеесет години, а за нејзиното убиство беа осомничени двајца тинејџери, кои во меѓувреме беа уапсени.

Шефовите на шведската полиција и претставници на обвинителството на прес конференциите за медиуми им порачаа на вознемирените граѓаните дека „работат дење и ноќе“ и дека апсењата и запленувањата, односно спречувањето напади од членовите на бандите се случуваат постојано, но дека ситуацијата е таква што ќе биде потребна координација и ангажман на целото општество.

На полицијата и недостигаат ресурси и експерти за да ги надгледува проблематичните места и да ги пронајде членовите на бандата и да собира докази.

Шведска е специфична и по тоа што младите луѓе, понекогаш не постари од 15 години, спремно дејствуваат како водачи на банди во ликвидации, во кои се убиваат се повеќе невини луѓе.

– Имаме случаи кога децата контактирале со самите банди за да понудат да го извршат убиството – рече Торнберг.

Надлежните наведуваат дека е неопходно да се запре регрутирањето на млади луѓе и конечно да се направи повеќе за да се подигнат стандардите во претежно имигрантските сиромашни населби каде младите го напуштаат училиштето и се гладни за „брз лов“ и статусни симболи.

Беше најавено и дека според новиот закон, полицијата ќе конфискува луксузен имот од уапсените членови на банда за да ја намали нивната привлечност кај младите без перспектива во животот.

Ќе биде неопходно подобро да се координира соработката со социјалните служби за да се отстранат децата од улица навечер – можеше да се слушне на заедничката конференција на полицијата и обвинителството.

Обвинителите од другите делови на земјата ќе дојдат во Стокхолм за да им помогнат на колегите и да ги процесуираат случаите што е можно поскоро.

Изгледа дека мрежата на Маџид се протега и до Норвешка, поради што дошле од таа земја да се сретнат со своите шведски колеги во Стокхолм.

Шефот на полицијата во Стокхолм, Матијас Андерсон, ги предупреди граѓаните дека „нема брзо решение“ и рече дека „ја разбира фрустрацијата на јавноста“ бидејќи општеството не треба да функционира вака.

Не треба млади луѓе од 13 или 14 години да пукаат по врати или да се убиваат на улица со воени автоматски пушки. Не смее да има пукање и бомбашки напади – изјави Андерсон.