Одбојкарот Владо Милев е најдобар спортист на Струмица за минатата година

Одбојкарскиот репрезентативец и член на ОК „Струмица Никоб“, Владо Милев, е прогласен за најдобар спортист на Струмица за минатата година на синоќешната манифестација што се одржа во организација на Општинскиот сојуз на училишни спортови и под покровителство на Општина Струмица.

За најдобра екипа е прогласена ОК „Струмица Никоб“. За најдобар спортист во млади категории во екипен спорт е прогласена Теона Галабовска од ЖФК „Тиверија“, а првото место во оваа категорија го делат ОК „Наковски Волеј“ – младинки и ЖФК „Тиверија“ -кадетки.

Најдобар тренер во сениорска конкуренција во екипен спорт е Кирил Ричлиев од ОК „Струмица Никоб“ , а во млади категории за најдобра беше прогласена Теодора Димоска од ЖФК „Тиверија“.

Во категоријата најдобар спортист во индивидуалниот спорт првите места ги делат Славе Делиовски од КБК „Тим Зоран“ и Елена Биџева од ШКК „Шихан“, а во млади категории најдобар е Александар Делиовски од КБК „Тим Зоран“.

Најдобар тренер во индивидуалниот спорт е Зоран Спасов од КБК „Тим Зоран“, а во масовниот спорт екипно првото место му припадна на СОУ „Јане Сандански“ и поединечно на Борис Секулов.

Во своето поздравно обраќање градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека малку се градовите во земјава кои можат да се пофалат со толку многу успешни спортски имиња и презимиња, познати репрезентативци и интернационалци кои ја испишувале македонската спортска историја.

Покрај прогласувањето на најдобрите и најуспешни спортски екипи, тренери и спортисти на Струмица, беа доделени плакети на спортски клубови кои во 2022 година прославуваа годишни јубилеи, на спортисти кои постигнаа значителен успех во масовниот спорт и поединци кои дале континуирана поддршка на струмичкиот спорт.

На поранешниот премиер Зоран Заев, сега директор на Фондацијата „Едно општество за сите“ и на градоначалникот Костадин Костадинов, спортистите им доделија благодарници за нивното помагање на струмичкиот спорт.