Одобрено: И за нив одат 40 американски ловци Ф-35, опремата бесплатно

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека денеска е важен ден за грчката национална одбрана бидејќи Грција официјално е на пат да набави до 40 авиони Ф-35.

„Врз основа на писмото што го добив од државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен, беше нагласена и запечатена стратешката длабочина на грчко-американските односи“, рече Мицотакис, според Катимерини.

Според него, во исто време, Грција ќе добие многу голем пакет опрема бесплатно, со што ќе се зајакнат сите три гранки на вооружените сили, како и крајбрежната стража на Грција.

„Тоа се фрегати, транспортери Ц-130, оклопни тенкови и возила, но и многу други одбранбени материјали кои нашата земја ги обезбеди на барање што лично му го испратив на претседателот (САД Џозеф) Бајден во мај 2022 година“, рече Мицотакис.

Тој посочи дека ова е резултат на методичен, тивок и долг напор, кој претставува комбинација на доследноста на Грција како сојузник на меѓународните фронтови и промоција на нејзините национални интереси.

Американскиот Стејт департмент претходно денеска го информираше Конгресот дека одобрил продажба на 40 ловци Ф-35 на Грција, кои чинат 8,6 милијарди долари.