Одрон затрупа автобуси и куќи, 11 лица загинаа: Хаос на Филипините, повеќе од 100 лица се водат за исчезнати

Во лизгање на земјиштето на Филипините што затрупа автобуси и куќи во село каде што се наоѓа рудник за злато загинаа 11 лица, а 110 се водат како исчезнати.

Повеќе од 1166 семејства кои живеат во близина на областа погодена од одроните се евакуирани во побезбедни населби.

Роза Кристина Розете-Мануел, портпаролка на Источната команда на филипинската армија, рече дека спасувачите се уште се надеваат дека ќе најдат преживеани.

„Се обидуваме да останеме позитивни“, рече таа, пренесува Ројтерс.

Инцидентот се случи во вторникот вечерта кога дел од планината падна во селото Масара, во провинцијата Давао де Оро, и оттогаш на терен се екипи за помош, иако непроодните патишта и лошите комуникациски врски ги отежнуваат спасувачките напори.

Североисточниот монсун што ги зафати Филипините донесе дожд во јужниот регион Минданао од 28 јануари до 2 февруари, предизвикувајќи смртоносни поплави и лизгање на земјиштето.