Јужна Кореја и помага на македонската царина, донира 4,8 милиони долари за создавање систем за управување со ризици

Јужна Кореја и помага на македонската Царинска управа со грант од 4,8 милиони долари за развој на системот за управување со ризици. Меморандумот за соработка го потпишаа директорот на Царината Стефан Богоев и Ки-Донг Ким, директор на Бирото за информатичка и комуникациска технологија на Корејската царинска служба. Ваквиот систем е особено важен во време кога зависиме од брза размена на податоци, рече директорот Богоев.

„Имплементацијата на овој систем е особено важна во време кога зависиме од брзата размена на податоци. Целиот свет во моментов се бори со растот на цените и тоа се рефлектира во економијата. Во исто време, криминалот наоѓа свои форми на дејствување под закрилата на отворената економија. Оттука ни треба стратегија која ќе даде ефикасен одговор на сите предизвици со кои се соочуваме денес“, изјави Стефан Богоев, директор на Царинската управа на Македонија.

„Овој проект беше промовиран со силна волја од страна на генералниот директор и царинската служба на Македонија, како и активна поддршка на корејската царинска служба“, изјави Ки Дон Ким, директор на јужнокорејската царинска служба.